Фото: Фејсбук/британско кралско семејство

Смртта на Елизабета Втора означува почеток на турбулентни 10 дена за Велика Британија, која на утрешната церемонија формално ќе добие нов крал во Чарлс Трети.  Следниот период ќе претставува потрес за земјата навикната да биде под истиот владетел повеќе од 70 години, што е подолго од животот на 85 отсто од британската популација. Чарлс сега ќе треба да управува со речиси непроменливата институција на монархијата, во држава што е сменета до непрепознавање откако неговата мајка стапи на должност, пишува „Блумберг“.

Неговото кралство се соочува со потенцијално распаѓање додека Шкотска врши притисок за независност, како и со неизвесна позиција на светската сцена по напуштање на Европската Унија.

Улогата на Чарлс е значително ограничена и главно церемонијална. Тој ќе треба да остане неутрален во политиката, што е потенцијален предизвик за него бидејќи досега отворено ги искажуваше ставовите за повеќе прашања од заштита на животната средина до пропусите во модерната архитектура.

Тоа значи оти ќе треба да одлучи дали ќе продолжи со активизмот, од што ќе зависи неговата популарност во Обединетото Кралство, а ќе биде од важност и во САД каде што т.н. „маршмелоу-дипломатија (мека, слатка и очигледно аполитична) на кралицата Елизабета Втора ги шармираше Американците со децении, според американското издание на порталот „Политико“.

– Ако Чарлс продолжи со активизмот, тој можеби ќе го загуби одобрувањето од американската јавност, како и американскиот интерес во британската монархива во целост. Тоа би можело да го поремети и т.н. посебен однос помеѓу САД и Обединетото Кралство изграден низ децении на усогласеност, споделување на тајни и јазична компатибилност – пишува „Политико“, додавајќи дека кралицата Елизабета Втора се сретнала со 13 од последните 14 американски претседатели и ја „маѓепсала“ американската јавност.

Извесно е дека Чарлс како крал ќе поседува значително влијание. Ќе му бидат достапни сите владини документи, ќе одржува неделни приеми со премиерот и ќе прима странски претставници. Тој ќе биде и на чело на вооружените сили, како и на Комонвелтот во кој спаѓаат 54 нации. Останува да се види како ќе ја извршува одговорната функција.