Косовскиот бизнисмен и поранешен министер осомничен за перење пари во Венецуела
Косовскиот бизнисмен и поранешен министер Беџет Пацоли е осомничен во Венецуела дека е вмешан во коруптивни афери со влијателни политичари. Ваквите наводи ги пренесуваат и приштинските медиуми, а ги сублимира „Косово онлајн“, кој додава дека Пацоли во тие текстови се доведува во врска и со организираниот криминал.
Според „Газета шќиптаре“, Пацоли е осомничен дека бил соработник на бизнисменот Енрике Раис во компанијата „Алба петролеос“, која е салвадорски конзорциум создаден со пари на венецуелската државна нафтена компанија ПДВСА во времето на претседателот Уго Чавез. Во извештајот објавен во венецуелските медиуми, Пацоли беше обвинет дека е вмешан во корупциски скандал, наведувајќи ги неправилностите пријавени од „Проектот за известување за организиран криминал и корупција“ при доделувањето на наградата за изградба на аеродром во Валона, Албанија.
Во извештајот на венецуелските медиуми се споменува и рафинерија за нафта во Косово, со која е поврзан Пацоли, но такви нафтени рафинерии во Косово нема.
Според венецуелските медиуми, мрежата на компании поврзани со Пацоли и Раис, од Европа до Ел Салвадор, вклучува компании што вршеле трансакции и „можно перење на милиони долари од венецуелската државна нафта“.
Исто така, договорите меѓу Раис и Пацоли, наводно, вклучувале бизнис со цврст отпад во Ел Салвадор на почетокот на минатата деценија, кој Салвадорецот го основал во соработка со Хозе Луис Мерино, функционер на тогашната владејачка левичарска партија ФМЛН.
Мерино, познат во политиката во Салвадор како Команданте Рамиро, исто така е под истрага во САД за перење пари и негова можна поврзаност со трговијата со оружје со Револуционерните сили на Колумбија (ФАРК).