„Планета на овците“ е новиот документарен филм во режија на германскиот документарист Марвин Енхолт, реализиран во копродукција меѓу германската продукциска куќа „Берлин продусерс“ и македонската продукција „Трајс филмс“. Како копродуцент на документарниот филм се потпишува Атанас Георгиев.
Филмот ја обработува најсензитивната тема на денешницата – зачувување на природата и негување на природните капацитети на планетарно ниво. Раскажан низ хумор и топлина, овој документарец ја истражува нераскинливата 11.000-годишна врска меѓу човекот и овцата, која, според оваа документарна нарација, е животно што воопшто не треба да биде потценето, ниту да се користи за подбив.
Сниман низ различни краеви на светот, од Кина, преку Германија, Сардинија, Македонија, Етиопија, Шпанија и Шкотска, овој филм прави длабока анализа на битноста на постоењето на овцата и нејзината корелација со човекот, во секаква смисла: историска, социјална, економска, научноистражувачка, митска, епска или архетипска. Би било ли човештвото таму кај што е денес доколку не би биле овците?
Премиерата на документарниот филм „Планета на овците“ ќе се одржи в сабота, во 20.30 ч., во Летното кино – Кинотека, во рамките на фестивалот на европски филм „Синедејс“. На премиерата ќе присуствуваат режисерот и поголем дел од екипата.
Копродукцијата е реализирана со поддршка на македонската Агенција за филм, а „Трајс филмс“ е продукција зад која стојат наши значајни документарни филмови, кои имале сериозен импакт во светската документаристика, меѓу кои: „Медена земја“, „Со љубов“, „Плати и жени“…