Фото/Илустрација: Пиксабеј

Амбасадата на Украина во Белград преку соопштение ја повика Србија да го подржи формирањето на специјален суд за руските злосторства во таа земја, а медиуми паралено пишуваат дека Србија е единствената земја во регионот која не ја поддржала осудата на ОН за репресијата врз новинарите во Русија, пренесува МИА.

-Сигурни сме дека меѓу осудените за тешки кривични дела од меѓународното право, извршени на територијата на Украина, ќе има и претставници на криминалните власти на државата агресор – членови на делегацијата на Советот на Федерацијата на Федералното собрание на Руската Федерација, кои, за жал, сè уште имаат можност да ја посетат Република Србија и моментално се наоѓаат на нејзина територија. Се надеваме на поддршка од Србија во врска со формирањето и функционирањето на Специјалниот суд за злосторствата на агресијата на Руската Федерација против Украина – се вели во соопштението на украинската амбасада.

Медиумите истовремено соопштија дека претставници на 46 земји-членки на Обединетите нации, вклучително и Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија, ја осудија руската репресија на слободата на изразување, вклучително и неправедно апсења на новинари и дека Србија е единствената која не ја поддржала изјавата.

Тие на 17 април се приклучија на изјавата предводена од амбасадорката Линда Томас-Гринфилд, претставник на Соединетите Држави, објавена пред Светскиот ден на слободата на медиумите следниот месец, кој се одбележува на 3 мај.

-Длабоко сме загрижени поради соопштенеито на Русија дека уапсила новинар на Волстрит журнал (Еван Гершкович). Протестираме против напорите на Русија да ги ограничи и заплаши медиумите. Ги охрабруваме властите на Руската Федерација да ги ослободат оние што ги држат од политички причини и да ја прекинат репресијата на слободата на изразување, вклучително и врз медиумските работници – се наведува меѓу другото во заедничката изјава.

Агенцијата Бета денес ја соопшти изјавата на адвокатката и новинарка од Украина Ирина Сејданова која изјави дека гледа голема опасност за Србија поради руската пропаганда и додаде дека тоа им го кажува на своите пријатели од 2014 година, кога Русија го окупираше Крим.

-Гледам голема опасност, бидејќи гледам паралела со тоа како Русија се однесуваше кон Украина, и како сега се обидува да се однесува кон Србија. Тоа се истите тези кои Русија ни ги примени за да ни ги всади во главите дека сме „братски народ“, дека тие се таму да не штитат, дека се таму да ги бранат нашите интереси, дека се таму во улога на „ големиот брат’. Истото го гледам и сега во Србија – изјави Сејданова за војводинскиот портал Автономија.

Според неа, повеќето Срби тоа не го сфаќаат сериозно, бидејќи „поради некоја причина многу ја сакаат Русија“.