Фото: ЕПА

Италијанско-албански договор за кампови за мигранти

Во јавноста излегоа нови сознанија за содржината на италијанско-албанскиот договор за мигрантите, објавен по средбата на премиерката Џорџа Мелони со албанскиот лидер Еди Рама. Според тој договор, до 3.000 баратели на азил што претходно биле спасени од италијански бродови, како што се крајбрежната стража или полицијата, ќе можат да бидат испраќани во Албанија секој месец.
Во најавата не беше дадено објаснување што ќе се случи со луѓето откако ќе се решат нивните барања за азил. Но внатрешните документи до кои дојде „Скај њуз“ даваат одговор на тие прашања.
Тие јасно кажуваат дека заедничкиот договор го опфаќа само периодот во кој се обработуваат нивните апликации и краток период потоа. Ако мигрантот добие азил, тогаш лицето ќе биде однесено во Италија за да започне нов живот, објави „Скај њуз“.
Во договорот исто така се наведува дека ако се покаже дека е невозможно да се испрати некој назад во неговата земја на потекло, тој сепак ќе биде вратен во Италија по одреден временски период, за кој се верува дека е 40 дена.
Напуштената база во Ѓадер бесплатно ќе ѝ биде дадена на Италија, а Италија целосно ќе ја опреми. Но се очекува Албанија да добива и паушален надомест од 16,5 милиони евра годишно, се наведува во првичните извештаи. Исто така Италија ќе биде одговорна за здравствениот сегмент на кампот, а кога станува збор за јурисдикцијата, официјален Рим му гарантира на Брисел дека таа ќе остане целосно италијанска.
Италија ќе плати за изградбата на центрите за обработка, а исто така ќе издвои фонд од 100 милиони евра за покривање на сите трошоци што може да ги направи Албанија. Договорено е вкупниот број на мигранти сместени во тие центри да не надминува 3.000.

Документот на договорот исто така јасно покажува дека има цел да ја промовира „билатералната соработка во сите сектори“ во светлината на „пристапот на Република Албанија во Европската Унија“.
Албанија е земја кандидат за членство во ЕУ, а првпат аплицираше во 2009 година.
Мелони, наводно, планира да отпатува во албанскиот главен град Тирана напролет и сака првиот камп да биде отворен во мај 2024 година – непосредно пред европските избори.

– Планот на Италија е во Албанија да отвори прифатни центри за мигрантите што пристигнуваат по морски пат и тој може да биде и пример за договорот меѓу земјите од ЕУ и државите што не се членки – изјави италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Со договорот се очекува да се намали бројот на мигранти во Италија. Досега преку морската траса пристигнале 145 илјади мигранти, што е зголемување за 65 отсто во однос на 88 илјади лица што пристигнале минатата година. Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека потпишувањето на договорот со Италија е во знак на благодарност за залагањата на Рим, кој силно ги поддржува напорите на Албанија на патот кон ЕУ.

Подготвил: Митко Јовановски