Косовскиот претседател Хашим Тачи смета дека постои реална можност за обединување на Прешевската Долина со Косово, со што, според него, би се реализирало легитимното право на Албанците од таа област во јужна Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Тачи на својот профил на Фејсбук напиша дека во понеделникот и вторникот имал средби со претставници на академскиот свет, бизнисмени, млади, студенти, поранешни борци на Ослободителната војска на Прешево, Медвеѓа и Бујановац (ОВПМБ), на албанската дијаспора, претставници на граѓанското општество и новинари од Прешевската Долина, а главна тема на разговорите било припојувањето на Долината кон Косово.

– Обединувањето на Прешево, Медвеѓа и Бујановац беше главна тема на нашите разгвори. Заеднички заклучок беше дека ова е историски момент за заживување на легитимното право на граѓаните на оваа област, во рамките на дијалогот меѓу косовската и српската држава, напиша Тачи.

Тој додава дека на конференцијата на Франкофонијата во Ереван во Ерменија ќе зборува за можноста за корекција на границата, со можност за обединување на Прешевската Долина со Косово.

На заложбите на Тачи се спротивставуваат речиси сите политички субјекти во Косово, како и јавноста, а премиерот Рамуш Харадинај во понеделникот изјави дека „идејата за корекција на границите е мртва“. Тачи реагираше со предупредување до Харадинај дека „ако не се корегира во ставовите и изјавите, може да биде сменет“.