Србија наскоро би располагала со флота составена од 14 летала: четири „мигови“, кои се набавени од Белорусија, шест од Русија и четири авиони од поранешна Југославија

Со набавката на четири половни „мигови“ српската војска успеа да го обнови военото воздухопловство, кое практично и не постоеше по завршувањето на воените дејства на НАТО. Нашиот северен сосед би располагал со флота составена од 14 летала: четири „мигови“, кои се набавени од Белорусија, шест од Русија и четири авиони од поранешна Југославија. Покрај ова, воено неутралната Србија за 2019 г. планира да ги набави трите нови руски хеликоптери „М-17“, четири „М-35“, но и пет хеликоптери од западно производство „ербус Х-15“.

Новото засилување на военото воздухопловство и противвоздушна одбрана на војската на Србија беше одбележано на 25 февруари годинава во Белорусија. Српскиот министер за одбрана Александар Вулин изјави дека претстои нивна модернизација, со што Србија би располагала со 14 ловци на ниво 4 плус.
– Тоа се најсовремените летала што постојат во светот. Никогаш нема да се одмеруваме со Русија или со Америка. Но за нашите потреби за регионот, ќе имаме апсолутна најмодерна флота на ловци – изјави Вулин.

Каков ќе биде ефектот за Србија со формирањето ескадрила од руски половни авиони од типот „миг 29“, по преземањето на четири такви летала од Белорусија? Полковникот Суад Хамзиќ, воен пилот во пензија, за Радио Слободна Европа, вели дека не го поддржува вооружувањето во регионот, затоа што набавката на руските авиони е скапа и бескорисна.

– Освен психолошкиот ефект, овие авиони нема да имаат никаква друга борбена цел. Овој договор има врска само со политиката, затоа што наклонетоста на Русија кон Србија е традиционална. Колку е објективно потпирањето на Истокот не би сакал да шпекулирам – вели Хамзиќ.

Во мирновременски период, потребни се барем четири борбени авиони за да може некоја држава да го чува своето небо, за т.н. „ер полисинг“, односно за секојдневно 24-часовно дежурство со еден пар ловци за да може да се обезбеди нормално одвивање на цивилниот сообраќај.

Руските мигови на кои се потпира иднината на српското воено воздухопловство се стари по триесетина години. Со ремонтите нивниот рок на експлоатација ќе биде продолжен. Од Министерството за одбрана на Србија не соопштуваат колку чинат набавките на авионите од Белорусија.

– Србија има други поважни приоритети во секторот на одбраната. Не е логично да се инвестираат огромни суми во нешто што е далеку од нивната реална моќ. Потребно е да се направат сериозни воени и политички процени против кого, каде и кога овие авиони би биле употребени – смета Суад Хамзиќ.

Министерот за одбрана, Александар Вулин, на прашањето за новинарот на телевизијата Пинк зошто Србија се вооружува, одговори дека тоа било неопходно затоа што во военото воздухопловство не се инвестирало од 1987 година.
– Подобрувањето на економијата овозможи да се направат овие набавки. Ние сме воено неутрални и мораме да се вооружуваме. Никој нема да ни помогне ако се случи најлошото. Затоа мораме да имаме авијација, артилерија, оклопни единици и пешадија. Не е прашањето зошто Србија се вооружува, туку зошто се вооружуваат земјите-членки на НАТО – изјави Вулин.

Срето Малиновиќ, бригаден генерал во пензија, смета дека набавката на авиони е значајна од аспект на заштита на суверенитетот на воздушниот простор, но истакнува дека е проблематично тоа што во јавноста не се кажува цената што ќе биде платена за тоа.

– Секогаш се истакнува дека авионите се добиени како подарок, но ако се погледне и цената што ја плаќаме за ремонтот ќе ја имаме и целосната слика. Ако ремонтот за „миговите“ од Русија го плативме 185 милиони евра, за тие пари можевме да купиме два нови авиона, кои би можеле да бидат користени наредните 40 години – нагласува Малиновиќ.


Вооружување без контекст

Политичкиот аналитичар Теофил Панчиќ, во својата колумна за РСЕ пишува дека ова е прескап воено-воздушен егзибиционизам и тој влијае како типично популистичко покажување на мускулите, без правна цел и реален контекст.
– Денешна Србија изгледа како земја што не е вклопена во контекст на времето и просторот. Едноставно кажано, Србија сѐ уште не го оставила зад себе рефлексот „наследничка на Југославија“, со нејзината неврзана и меѓублоковска политика, иако контекстот на сегашното време е сосема поинаков од оној во епохата на Тито. По шест години ваква власт на напредњаците, со нерешеното косовско прашање, со нарушени односи со сите постјугословенски соседи и со траен отпор кон НАТО, кое ќе ја опколи Србија, таа е држава што се наоѓа во една длабока дезориентација и бесмислено е да ги исцрпува своите ресурси на парадирање и на покажување на своите мускули, кои нема кому да му служат – пишува Теофил Панчиќ.


Кој ќе пилотира?

За воениот аналитичар Александар Радиќ најважното прашање е кој ќе пилотира со овие авиони.
– Српската воена авијација беше во длабока криза. За војската следува уште поголема битка – битка за кадри. Со пари може да се купат авиони, но треба да се најдат млади лица што сакаат да ѝ служат за татковината – нагласува Радиќ.