Србија

Граѓаните на Србија од вчера можат да се пријавуваат за вакцинирање против ковид-19, а тоа може да го направат преку електронскиот систем што е воспоставен во соработка со Канцеларијата за информациска технологија и е-управата. Како што соопшти премиерката Ана Брнабиќ, граѓаните може да се пријават и преку контакт-центарот, кој ќе почне со работа в четврток.
– Граѓаните ќе имаат опција да избираат со која вакцина сакаат да се вакцинираат. Тоа е потребно за да може да се планираат потребите и луѓето да бидат ставени во планот за масовната вакцинација – изјави Брнабиќ.
Постапката за електронско пријавување за вакцинацијата е едноставна, а за тоа се потребни пет минути. Лицата што ја пополнуваат пријавата во секој момент може да се откажат или да ја сменат својата одлука за видот на вакцинацијата. За ова од е-управата е издадено и целосно упатство за пријавување, кое се состои во неколку чекори.
Согласноста за вакцинацијата е документ што се потпишува од лекар, а во него се внесуваат личните податоци и информации за здравствената состојба за пациентите. Тие може да се изјаснат за вакцината што е одобрена од Агенцијата за лекови и медицински средства. На листата има пет вакцини. По конечното одобрување на пријавата, пациентот ќе биде информиран преку СМС за денот и местото на вакцинацијата.