Американскиот државен секретар Мајк Помпео вчера во Њујорк требаше да се сретне со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на маргините на дебатата на Советот за безбедност на Обединетите нации за предизвиците на мирот и безбедноста на Блискиот Исток и поддршката на американската администрација на мултилатералните решенија.

Состанокот меѓу Вучиќ и Помпео може да биде сигнал за свртување на администрацијата во Вашингтон во односите со Приштина, пишува „Вечерње новости“. Средбата е резултат на директната дипломатија, која трае подолго време на релацијата САД и Србија, а пораката од тоа е дека треба да му се стави точка на косовското прашање.

Соговорниците на „Новости“ се согласни дека средбата Вучиќ – Помпео е јасен сигнал дека американската администрација сака во својот мандат да дојде до решение што е во интерес и на американската надворешна политика, но и на учесниците во дијалогот.