ЕУ треба да размисли да им овозможи на земјите од регионот поголем пристап до својот буџет, преку градење на постојната претпристапна помош и зајакнување на нејзиниот капацитет за заем, се наведува во анализата на „Геополитикал монитор“

Повеќе од 120.000 лица што аплицирале за статус на бегалец во Германија во 2015 година, всушност биле граѓани на Европа, односно се со потекло од Западен Балкан. Самиот факт што толку луѓе од овој мал регион гледаат можност да „избегаат“ во Германија доволно зборува за недостигот од можност за егзистенција во нивните земји. Пандемијата на ковид-19 дополнително ќе ја влоши оваа ситуација, а целиот регион ќе го направи поранлив на надворешни влијанија од Русија и особено од Кина, се заклучува во анализата објавена на „Геополитикал монитор“
По насилното распаѓање на Југославија, единствениот пат за напредок за шесте држави од Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија) беше нивното евентуално пристапување кон ЕУ. Членството во Унијата значеше воспоставување мир, просперитет, добивање обилни субвенции или едноставно подобар живот. Сепак, во регионот е присутно зголемено разочарување поради неможноста за проширување на ЕУ, изгледите за членство стануваат сѐ пооддалечни, а темпото на реформите е забележително побавно.

Тоа дополнително се оптоварува со заморот што е присутен во ЕУ во однос на проширувањето, при што новите членки сè повеќе не се сфаќаат како целокупна корист, туку како дополнителен товар.
Потребно е да помине подолго време додека земјите од Западен Балкан не бидат подготвени и, што е уште поважно, да им биде дозволено да влезат во Унијата. Во неможност на полноправно членство, ЕУ треба да создаде ново ниво на економско поврзување со регионот. Во практика, тоа би значело земјите од Западен Балкан да бидат составен дел од Царинската унија на Европската Унија (EUCU), како и им биде подобрен пристапот до единствениот пазар и буџет на ЕУ. Ова е значајно затоа што би го решило прашањето за високополитизираните тарифни стапки што некои балкански држави ги наметнале едни против други и со тоа ќе ја поттикнат меѓурегионалната економска соработка.
Дополнително, ЕУ треба да размисли да им овозможи на земјите од регионот поголем пристап до својот буџет, преку градење на постојната претпристапна помош и зајакнување на нејзиниот капацитет за заеми. Ова е значајно поради две причини. Прво, слабата инфраструктура на Балканот е главен фактор за спречување на економскиот развој на регионот.

Инвестирањето во јавната инфраструктура во регионот не само што ќе помогне да се поттикне економскиот развој туку исто така ќе се овозможи негова интеграција со најголемите западноевропски економии. Второ, тоа би го ограничило влијанието на Кина во регионот. Секако, помошта на ЕУ треба да има временско ограничување и да биде предмет на периодично разгледување, за да се спречат можните злоупотреби. Финансиското влијание за регионот ќе биде мало, но со тоа ќе испрати силен сигнал дека ЕУ не се откажува од Балканот, се констатира во текстот на „Геополитикал монитор“.
На овој начин ќе се врати нарушената доверба по одлуката на ЕУ да го забрани извозот на медицинска опрема и материјали во балканските земји по појавата на пандемијата, со што беше доведена во прашање „европската солидарност“. Тоа беше искористено од Кина и од Русија, кои донираа медицинска опрема за Србија. Покрај тоа, додека траат овие геополитички шаховски игри, пандемијата служеше и како изговор за демократско назадување на Балканот.
По распаѓањето на Југославија, САД во тесна соработка со Европејците направија од Западен Балкан најуспешен пример за трансатлантско градење мир.

Сепак, во последните четири години, учеството на американската страна се претвори во „пречка“. Со изборот на новиот претседател на САД, кој има долго искуство во регионот, постои шанса тој да се врати на заедничкиот трансатлантски фронт на Балканот. Со координирање на нивниот пристап, двете страни многу полесно ќе влијаат на позитивните промени во регионот.
На крајот, образложението за ангажманот на ЕУ со Западен Балкан е многу едноставно: или Унијата ќе успее да извезува стабилност во соседството или ќе остане извор на нестабилност. Следствено, промовирањето на владеењето на правото, демократските институции и економските реформи на Балканот не се само чекори во легалистичкиот процес на пристапување. Наместо тоа, овие мерки треба да се сметаат како инвестиција во идната стабилност на Европската Унија. Новиот економски и инвестициски план на регионот за регионот, вреден девет милијарди евра е добар почеток, но ќе биде потребно многу повеќе. Оставениот празен простор ќе биде пополнет од другите сили, како Русија и Кина.