По неколку месеци од изборот на Џо Бајден, сѐ уште не може да се почувствува новата политика на САД во однос на одмрзнување на процесот на проширување на ЕУ, а сѐ поизвесно е и дека одредбите од т.н. Вашингтонски договор за нормализација на односите меѓу Србија и Косово ќе останат само на хартија

Со изборот на новата администрација во САД се очекуваше координирано дејствување со Европската Унија, за поттикнување на процесот на европска интеграција на земјите од регионот. По неколку месеци од изборот на Џо Бајден за претседател на САД, сѐ уште не може да се почувствува новата политика на САД во однос на одмрзнување на процесот на проширување на ЕУ, а сѐ поизвесно е и дека одредбите од т.н. Вашингтонски договор за нормализација на односите меѓу Србија и Косово ќе останат само на хартија. Со ова, на некој начин се доведува во прашање и планот на САД за земјите од Западен Балкан. Затоа и во овој правец треба да се толкува и балканската мисија оваа недела на помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер, кој испрати поединечни пораки до оние што ги кочат демократските промени во регионот. Од неговите изјави може да се забележи дека американските очекувања се насочени, пред сѐ, на одмрзнување на процесот на преговори на Македонија и на Албанија со ЕУ, за што упати и директни пораки до Бугарија, која го кочи процесот на европските интеграции. Секако, дел од интересирањето на САД е и целосно спроведување на договорот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово.
Рокот за преселување на српската амбасада во Израел од Тел Авив во Ерусалим, што беше предвиден со Вашингтонскиот договор, истече на први јули.

Ова е спротивно на надворешната политика на Европската Унија, која смета дека не треба да се отвораат дипломатски претставништва во овој град сѐ додека не се реши повеќедеценискиот израелско-палестински судир. Договорот за нормализација на економските односи меѓу Србија и Косово, во септември 2020 година, беше потпишан меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и тогашниот косовски премиер Авдулах Хоти, со посредство на поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Договорот што беше потпишан од Косово содржеше и посебна точка со која се предвидува меѓусебно признавање со Израел, додека Србија се обврза до 20 септември 2020 година да отвори претставништво во Ерусалим, а до 1 јули 2021 да ја пресели амбасадата во овој град.
Во меѓувреме, претседателот на Србија изјави дека неговата земја ќе постапува во согласност со меѓународното право, но и во согласност со нивните интереси.
– Овие интереси се променија од моментот кога Израел ја призна независноста на Косово. Во иднина одлуките ќе ги донесуваме со почитување на пријателството со Израел, но и почитувајќи се себеси – изјави Вучиќ на почетокот на јули годинава.
Косово и Израел воспоставија дипломатски односи на 1 февруари 2021 година, по примерот на САД, амбасадата на Косово во Израел ќе биде сместена во Ерусалим. Овој потег не наиде на одобрување од Србија, што остава простор и за нивно „повлекување“ од договорот од Вашингтон.
Даниел Сервер, американскиот професор и експерт за Западен Балкан не очекува дека Србија ќе ја исполни последната одредба од договорот.
– Искрено, мене не ми беше јасно дали Вучиќ се согласи на преселувањето на амбасадата, а тој на потпишувањето на договорот изгледаше многу изненаден. Јасно е дека Косово доби признавање од Израел, но Србија не доби ништо – изјави Сервер за Радио Слободна Европа.

Филип Ејдус, вонреден професор на Факултетот за политички науки во Белград, вели дека неисполнувањето на последната одредба од Вашингтонскиот договор може да има „само политички, но не и правни последици“. Според него, овој документ не претставува меѓународен договор, туку само писмо за намери. Тој не верува дека администрацијата на САД ќе инсистира на преселување на српската амбасада во Израел.
Владан Живуловиќ, претседателот на Атланскиот совет на Србија, во изјава за „Данас“ вели дека Србија се наоѓа во „луз-луз“ комбинација.
– Бидејќи претходната администрација на САД ја нема, доколку ѝ дала некакви усни ветувања за Белград, тие договори не важат. Познато е дека Бајденовата администрација е понаклонета кон Косово. Американците се максимално прагматични и непочитувањето на договорот од Вашингтон ќе се обидат да го искористат, најверојатно со притисок за признавање на Косово. Во случај да го почитуваше договореното, Србија ќе се соочеше со ЕУ – вели Живуловиќ.
Од друга страна и косовската влада под водство на Албин Курти се спротивставува на почитувањето на договорот, а кој се однесува на прифаќањето на иницијативата за мини-шенген. Курти се залага за формирање СЕФТА, со што ќе се поништи ЦЕФТА-договорот, со кој Косово нема еднаков статус во однос на другите потписници на овој регионален договор.
– Реакцијата на Курти покажува дека членот пет од Вашингтонскиот договор за мини-шенген бил необврзувачка политика декларација, што на Вучиќ требаше да му послужи за покривање на другите одредби за неспречување на пристапувањето на Косово во другите меѓународни организации – смета Дејан Мировиќ, професор за меѓународно јавно право на Правниот факултет во Косовска Митровица.

Стејт департментот неделава изрази надеж дека Србија и Косово ќе продолжат со придржување кон договорот од Вашингтон, пренесе „Гласот на Америка“. Преземените обврски ќе донесат корист за граѓаните на Србија и на Косово, стои во реакцијата на Стејт департментот.
Никаков напредок не е постигнат и во дијалогот меѓу Белград и Приштина, кој се води со посредство на Брисел од март 2011 година. Во април 2013 година беше постигнат и Бриселски договор, кој подразбира и формирање заедница на српски општини на Косово, но тоа досега не се реализира. На последното продолжување на дијалогот на 15 јуни во Брисел, првпат се состанаа и Вучиќ и Курти, но двете страни не ги приближија ставовите за најважните прашања, а едно од нив е и (не)признавањето на Косово.