Фото: Игор Бансколиев

Бројот на повратници што се стекнале со пензија по долгогодишното работење во странство е незначителен во однос на лицата што заминуваат од балканските земји. Отежнувачка околност за економските мигранти од Балканот е што во сите западни земји е продолжен работниот век и се заострени условите за пензионирање

Бројот на иселениците од Балканот што се враќаат по остварувањето на странската пензија е незначителен во однос на оние што заминуваат на работа во некоја поразвиена земја. Со мал број доселеници печалбари се соочуваат Србија, Хрватска и Македонија. Бројот на „странските“ пензионери што сакаат староста да ја поминат на родната грутка е незначителен.
Според истражувањето „Зошто луѓето заминуваат од Србија“, спроведено од НВО „Србија 21“, околу 35 отсто од испитаниците одговориле дека би се вратиле во земјата по стекнувањето на правото на странска пензија.
„Новости“ пренесува изјава од Милорад К. (74), кој во своето родно село во околината на Смедерево се вратил од Германија, каде што поминал половина работен век.
– Напорната работа во градежништвото се одрази на моето здравје. Добро заработував, можев да купам куќа и во Германија, но во татковината ќе доаѓав како турист. Одлучив да се вратам. Овде може добро да се живее со девизна пензија – вели тој.
Печалбарите од претходните генерации работеле на работни места што биле пониско платени од германските граѓани. Поради високите трошоци за школување на германските универзитети, децата на српските мигранти немале можност да се дообразоваат и посетувале занаетчиски и средни стручни училишта.
– Има повеќе причини за враќање на нашите иселеници во Србија кога тие ќе се пензионираат. Едните се однесуваат на условите за живот во земјите во кои поминале добар дел од својот живот, а другите се изменетите услови во земјите во кои се враќаат. Пресудни се семејните причини. Пензија од странство значи поголема социјална сигурност. И со помали пензии тие можат да живеат подобро доколку би останале во странство. Покрај тоа, имаат и имот што претходно го стекнале и мора да го одржуваат – вели Нада Новаковиќ, социолог и виша научна соработничка во Институтот за општествени науки во Белград.

Проблемите настануваат кога ќе дојдат болестите во староста, а пензиите не им се доволни за приватно лекување или, пак, за покривање на станарините. Исто така, даноците во странство се повисоки за недвижен имот.
Отежнувачка околност за економските мигранти од Балканот е што во сите западни земји е продолжен работниот век и се заострени условите за пензионирање. Во незавидна состојба се работниците што заминале подоцна од својата земја и сега потешко можат да стекнат и поволна старосна пензија. Последните децении социјалната политика и во најразвиените капиталистички земји е значајно изменета, односно има помали социјални права за граѓаните. Животниот стандард за работничката и средната класа е намален, а се намалени и нивните реални приходи по основа на пензионирање. Пензионерите во странство спаѓаат во најзагрозените социјални групи, пишува „Новости“.
Според податоците на Државниот завод на Хрватска, во 2018 година во земјата се вселиле 26.020 лица, од нив 33 отсто се до хрватско државјанство, објави „Фактограф.хр“. Марина Периќ Касељ, раководителка на Институтот за миграција, вели дека не станува збор за значаен број повратници, особено на лица кои се во репродуктивна доба.
Во Хрватска не постојат системски анализи за причините за враќањето на иселениците, кои доаѓаат претежно од Германија, Австрија и Швајцарија, и тоа се повратници што стекнале право на странска пензија. Сепак, враќањето на хрватските пензионери е позитивно од економски аспект, бидејќи се значајни за капиталните вложувања во производството, туризмот, градежништвото. Но како што забележува социологот Јасна Чапо, пензионерите се одлучуваат за полувраќање, односно половина година живеат во Хрватска, а половина во Германија.

„Јутарњи лист“ објави податоци за Хрватите што се отселиле од 2013 година, по влезот во Европската Унија. Во анкетата, околу 85 отсто изјавиле дека се задоволни од својот нов живот во странство. Три отсто изјавиле дека се незадоволни по заминувањето од татковината. Само 15 отсто одговориле дека размислуваат за враќање во Хрватска, во некој краткорочен или среднорочен период, додека 45 отсто „би се вратиле“ по пензионирањето, а 40 отсто од испитаниците не размислуваат за враќање во ниеден случај!
На сајтот на Матица на иселеници од Македонија во 2019 година беше објавена информација за тоа дека вкупниот број на наши граѓани во странство достигнува повеќе од 700.000 лица. Бројот на повратници изнесува: 543 лица во 2006 година, 303 во 2010-та, 490 лица во 2013-та и само 283 лица во 2016-та година. Македонија добива една милијарда евра годишно од нашите сонародници што работат и работеле во странство, според пресметката во националната стратегија за соработка изработена од Министерството за дијаспора, а објавена од Агенцијата за иселеништво.

Нето-девизните дознаки што доаѓаат преку банките и брз трансфер на пари од 2009 до 2016 година е зголемен за 27,3 отсто, иако темпото е намалено во однос на порано, поради порастот на семејната емиграција, како и намалувањето на растот на платите во реалниот сектор во глобални рамки. Другите приватни трансфери што во голем дел доаѓаат врз основа на пензии и инвалиднини на граѓани што работеле во странство се зголемил за два и пол пати и се поголеми од нето-дознаките.
Според податоците на „Евростат“ бројот на наши граѓани во странство постари од 65 години (пензионери) во 2016 година изнесува околу 16.000 лица и е за три пати поголем од оној во 2007 година.