Приштина – На новите парламентарните избори во Косово најмногу гласови ќе добие движењето Самоопределување, односно ќе освои 55 места во Собранието на Косово. Истражувањето спроведено од компанијата „УБО консалтинг“ покажало дека Демократската партија на Косово ќе освои 19 места, Демократскиот сојуз на Косово 18, Алијансата за иднината на Косово осум места. Доколку изборите би се одржале оваа недела, најголема поддршка би добил Албин Курти од Самоопределување – 44 проценти, Вјоса Османи и Енвер Хоџај по 11 проценти, Авдулах Хоти 12 проценти, додека Рамуш Харадинај би добил шест проценти од гласовите. („Коснет“)

Белград – Во Србија вчера почна вакцинацијата против коронавирусот, а првата вакцина ја прими премиерката Ана Брнабиќ. Првите количества на вакцината во Србија пристигнаа во вторникот, а ќе ги примат корисниците на домови за стари лица во Белград и во Нови Сад. (РТС)
Атина – Само за 15,4 отсто е помал сообраќајот во декември во областа Атика, поширокиот регион на Атина, во споредба со истиот период лани, иако во земјата во сила е полициски час. За време на вториот карантин е регистрирано зголемување на сообраќајот за 37,5 проценти во споредба со првиот. (МИА)


Бисер балкански

Огледалце, огледалце!

– Себеси се сметам за најдобар кандидат за градоначалник. Имам доволно искуство и знаење и би имал и доволно квалитети. Ако некаде треба да се препорачам, тоа е местото за градоначалник. Затоа и не влегов во Владата – изјави Александар Шапиќ, претседател на Српскиот патриотски сојуз (СПАС), во врска со неговите политички амбиции за изборите за градоначалник на Белград, кои треба да се одржат напролет 2022 година.
Во разговор за ТВ Н1, Шапиќ го истакнува своите достигнувања во десетгодишниот мандат за градоначалник на Нов Белград, кој, според него, е „најдобро развиена српска општина“, што е резултат на неговото големо искуство во локалната политика што се препорачува за функцијата на градоначалник.