Во Србија од вчера почна да се применува новиот правилник за проверка на исправноста на возилата, а во него се содржани многу построги контроли од страна на станиците за технички преглед. Според нив, контролорот може да го врати возилото како „неисправно“ доколку на каросеријата има прашина и кал.
– На технички преглед автомобилот мора да биде чист за да се види дали е оштетен и дали има корозија. По ова почнува другиот дел на прегледот за техничката исправност на возилото – велат во една станица на технички преглед во Белград.

Со новите правила возилото треба да биде фотографирано од сите страни (предна, задна, лева и десна страна и брзиномерот). Доколку контролорот забележи некој недостаток се фотографира и тој дел. Исто така, се проверува дали појасите се блокираат на потег, исправноста на ретровизорите како и тоа како функционираат бравите. Потоа следува проверка на исправноста на кочниците, на системот за управување и издувните гасови за што е предвидена максимално дозволена вредност од 4,5. На крајот се проверува и бројот на моторот, нивото на маслото за подмачкување и состојбата на акумулаторот.
Контролорите нема да толерираат неисправност на системот за кочење и за управување на возилото, системот за светлосна сигнализација и длабинска корозија на возилото.
За разлика од претходно, новите прегледи на возилата мора да траат половина час, а за товарните возила 45 минути.