Пред Меѓународниот суд во Хаг вчера почна дводневна расправа по жалбите на одбраната и на обвинителството против првостепената пресуда против генералот Ратко Младиќ, осуден на доживотен затвор за геноцид во Сребреница и злосторства против човештвото во БиХ. Хашкиот трибунал на 22 ноември 2017 година го прогласи поранешниот командант на армијата на Република Српска, 77-годишниот генерал Младиќ за виновен за геноцид во Сребреница, прогон на муслимани и Хрвати во БиХ; тероризирање на населението во Сараево со продолжено бомбардирање и снајперски напади и за држење заложници на припадници на УНПРОФОР, од 1992 до 1995 година, објави Радио Слободна Европа.

Пресудата ја обжали одбраната, барајќи Младиќ да биде ослободен или повторно да му се суди. Обвинителството поднесе жалба во која се бара Младиќ да биде прогласен за виновен за геноцид во шест други општини во БиХ, тврдејќи дека била докажана неговата вина за овие злосторства за време на судењето. Со првостепената пресуда, генералот Младиќ беше ослободен од ова обвинение. На крајот на рочиштето, денеска, генералот Младиќ ќе има можност да се обрати пред судиите на Судскиот механизам во Хаг, правниот наследник на Хашкиот трибунал. Младиќ е во притвор во Шевенинген од крајот на мај 2011 година. Тој беше уапсен од српските власти на 26 мај истата година, кај Зрењанин.