Црна Гора ќе продолжи да ѝ дава силна поддршка на Македонија на патот на евроатлантските интеграции и во промоцијата на новиот импулс за унапредување на економската соработка на Балканот, вели амбасадорот Предраг Митровиќ

Односите меѓу Црна Гора и Македонија секогаш биле пример на добра билатерална соработка. Двете земји никогаш немале отворени политички прашања и континуирано работат на облагородување на меѓусебните релации. Црногорскиот и македонскиот народ делат слична вредност и култура, а на традиционалните пријателски односи влијаат и големиот број мешани бракови, вели Предраг Митровиќ, амбасадорот на Црна Гора во Република Македонија. Со него разговаравме за новите можности за економска соработка, како и за искуството на Црна Гора на патот на европските интеграции.

Црна Гора е најмлада членка на НАТО. Какви бенефиции очекувате од членството?
– Црна Гора e силно посветена на исполнување на клучните задачи на Алијансата во согласност со одлуката усвоена на самитот во НАТО во Велс и во Варшава. Како нова членка, Црна Гора ќе продолжи да го промовира стратегиското значење на регионот, поради фактот дека НАТО, покрај ЕУ претставува единствен гарант на неговата долгорочна стабилност и просперитет. Оттука, таа ќе продолжи да ја поддржува политиката на отворени врати и е заговорник за натамошно проширување на Алијансата. Имајќи ги предвид приоритетите, кои се претставени во Американско-јадранската повелба во 2018 година, Црна Гора ќе продолжи да ѝ дава силна поддршка на Македонија на патот кон евроатлантските интеграции. Би истакнал дека Црна Гора, како сигурна дестинација, по пристапувањето во Алијансата бележи значаен економски раст и пораст на странските инвестиции и таков тренд се очекува и во наредниот период. Ја користам можноста да ѝ честитам на Македонија за историскиот договор околу спорот со Грција и да ја истакнам важноста како за двете држави на билатерално ниво така и за целиот регион. Црна Гора се радува за овој напредок и се надева на брзи и успешни чекори на Македонија во европските и во евроатлантските интеграции што одамна ги заслужува. Би сакал да го повторам ставот на црногорските државни функционери, кои преку многубројните официјални посети ја искажуваат својата поддршка и силно се залагаат за членство на Македонија во НАТО.

Според некои предвидувања, Црна Гора во 2025 година треба да биде примена за полноправна членка на Европската Унија. Колку Црна Гора е подготвена за таков чекор поради фактот што таа е мала економија и како ќе се носи со конкуренцијата на моќните европски компании?
– Посебно e значајно да се истакне објавувањето на Стратегијата на европската комисија за Западен Балкан со која е испратена јасна порака дека овој регион ќе биде интегрален дел на Европа, со перспективи за идно проширување до 2025 година. Црна Гора во овој контекст се споменува како идна членка на ЕУ. Оваа стратегија ја доживуваме како поттик да продолжиме со напорите и добрите резултати во спроведувањето витални реформи и сигурно ќе бидеме подготвени во овој рок. Дури и порано од крајната временска граница. Црна Гора е задоволна од преговарачкиот процес во рамките на европската интеграција, отворени се 30 поглавја, а привремено се затворени три. Очекуваме отворање на преостанатите три преговарачки поглавја во текот на годинава, како и продолжување нова, подинамична фаза на преговорите, која подразбира постепено затворање на поглавјата со зададени завршни мерки. Досегашните резултати, кои Црна Гора ги остварила на европскиот пат, се одраз на синергијата на силната политичка волја и општествениот консензус за спроведување сеопфатни реформи во сите области, а посебно на владеењето на правото, економскиот развој и регионалната соработка. Познато е дека во процесот на пристапување во ЕУ, политиката на заштита на конкуренцијата го зазема едно од најзначајните места бидејќи нејзиното ефикасно спроведување придонесува за унапредување на економијата, развој и раст на бројот на стопанските друштва, унапредување на вложувањата во истражување и развој на нови производи, привлекување нови инвестиции, зголемување на производството и на извозот. За создавање услови за зголемување на конкурентноста на нашата економија и развој на отворено општество, Црна Гора ги презема сите неопходни мерки за примена на модерно законодавство од областа на заштита на конкуренцијата, преку ефикасна имплементација на прописите, кои се во согласност со ЕУ-системот.

Во Црна Гора има многу национални малцинства. Дали Црна Гора е доволно посветена на почитување на правата на националните малцинства?
– Црна Гора е препознатлива како позитивен пример во регионот кога е во прашање заштитата на човековите права, како и за тоа дека традиционално се негува мултиверски и мултиконфесионален соживот и меѓусебно почитување. Во Црна Гора владее клима на добри односи, толеранција и почитување. Наспроти многубројните предизвици, во Црна Гора се одржуваат вредностите на соживот, а сите заедно работиме на јакнење на свеста за неговата важност, за истакнување на значењето на различните култури, етничките и верските заедници, кои го делат заедничкиот простор. Црна Гора ја потврди трајната посветеност за унапредување и заштита на правата на малцинските народи и другите малцински заедници и ги вложува сите потребни напори за промовирање заштита на човековите и на малцинските права во сите области. Националната политика е насочена во правец на разбирање на сложеноста на мултикултурното општество со почитување на фактот дека различностите во рамките на таквото општество може да се зачуваат единствено со заеднички сили. Црногорското општество ваквите различности ги согледува како предност, а не како недостаток. Би истакнал дека во интеграциските процеси, нашата држава се почитува како фактор и партнер на регионалната и на меѓународната сцена.

Последните месеци во регионот се чувствува нов импулс за зголемување на економските врски на земјите од Западен Балкан. Колку овие иницијативи имаат реална основа, ако се земе предвид дека и порано постоеле слични иницијативи, кои завршуваа само со „добри намери“?
– Новиот импулс за унапредување на економската соработка на земјите од Западен Балкан е даден по самитот во Трст, под закрила на Берлинскиот процес. Во последно време, соработката е интензивирана и со состаноците на премиерите, што претставува силен поттик и покажува сериозна подготвеност за секој вид солидарност и заедничка работа за унапредување на просперитетот на регионот. Во врска со ова, верувам дека тоа е одлична платформа за разгледување на прашањата што се однесуваат на инфраструктурната поврзаност, трговската размена, олеснување на прекуграничниот промет на стоки, создавање ефикасен транспортен систем, дигитална економија, трговија и инвестиции. Уверен сум дека ваквата динамика на средбите ќе резултира со конкретни проекти.

За Република Македонија особено е важно користење на можноста што црногорскиот пазар ја нуди за пласирање на македонските земјоделски производи и за сезонско вработување. Во таа насока и потенцијалот што го нуди пристаништето во Бар. Што треба да се направи во правец за поголемо унапредување на економската соработка меѓу двете земји?
– Одделението за економски прашања и туризам при Амбасадата на ЦГ во Скопје е во функција на економската дипломатија и има цел унапредување на економската соработка, промоција на туризмот и меѓусебно поврзување на стопанствениците на двете земји, како и за заеднички пласман на трети пазари. Иако размената на стоки меѓу двете земји е на ниско ниво, сакам да нагласам дека во последните три години бележи пораст во двата правци, а тоа го потврдуваат и статистичките податоци. Во 2015 година вкупната размена била 23 милиони евра, додека во 2017 година изнесува 43 милиони, што укажува на тенденција на пораст и во наредниот период. Очекуваме размената да го достигне нивото што сме го имале во поранешната заедница. Како пример сакам да посочам на потпишаниот комерцијален договор од областа на земјоделството меѓу холандска, црногорска и македонска компанија. Забележан е и значителен пораст на бројот на туристи од Македонија, во 2014 година во Црна Гора престојувале 14.000, додека во 2017 престојувале 25.673 македонски туристи. За ова придонесоа големиот број кампањи и промоции за туристичкиот потенцијал на Црна Гора во Македонија, со посредство на нашата амбасада и во соработка со црногорските општини, Националната туристичка организација на Црна Гора и Туристичките организации во ЦГ.

Последните години во соседните земји се пуштени нови современи сообраќајници. Колку тие влијаеја на подарување на економските врски меѓу Македонија и Црна Гора?
– Недостигот од сообраќајна инфраструктура секако е пречка за унапредување на економската и на туристичката соработка. Претседателите на владите на Македонија, Црна Гора и БиХ, го потврдија своето определување за наоѓање модалитети за воспоставување на авиолинијата Скопје – Подгорица – Сараево, која би придонела за поврзување на регионот, на бизнис-заедницата, за зголемување на туристичката размена и промоција на вкупниот потенцијал на државите. Очекуваме дека овој проект ќе биде реализиран во скоро време. Всушност, бариерата што постои во бизнис-релациите е видлива. На пример ако сакате од Македонија да патувате до Црна Гора, мора да покажете пасош на шест гранични премини. Во секторот за земјоделството ја разгледуваме можноста за воспоставување на т.н. брзи ленти на граничните премини, за да се овозможи побрз промет на земјоделските производи, поради краткиот рок на траење на продуктите.

Туристичката понуда на Црна Гора изобилува и со голем број културни и забавни манифестации особено во летната сезона. Колку македонските уметници ја користат можноста за претставување пред црногорската публика и пред големиот број странски гости?
– Културната соработка меѓу двете држави е на високо ниво. Со посредство на нашата амбасада се потпишани програма за културна соработка меѓу двете министерства за култура и меморандум за соработка меѓу Црногорскиот симфониски оркестар и Македонската филхармонија. Во изминатиот период реализирани се голем број активности и настани, од кои би ги издвоил концертот на Црногорскиот симфониски оркестар во Скопје, промоцијата на албумот на Сергеј Четковиќ во Македонскиот народен театар, концертот на Калиопи Букле во Подгорица, промоцијата на книгата „Никого не прашав за име“ на авторката Весна Мартиновиќ во Спомен-куќата на Мајка Тереза во Скопје. Годинава е планирано отворање црногорска соба во елитниот ресторан „Виа Игнација“ во Вевчани, во која ќе бидат поставени симболи на црногорската култура, а гостите ќе имаат можност да го почувствуваат духот на Црна Гора и преку традиционалните црногорски специјалитети. Би сакал да ги споменам и промоцијата на фестивалот „Денови на мимозата“ во Битола, традиционалниот добротворен Црно-бел бал под покровителство на Амбасадата на Црна Гора, на кој настапија мажоретки во придружба на градскиот оркестар на Црна Гора, како и сценскиот перформанс на глумците од Црногорскиот народен театар. Дел од културата размена е и одржувањето Денови на Тиват во Скопје и многубројни други манифестации со културно-уметничка програма со мотиви од црногорската традиција и култура.