Косовското Собрание вечерва ја избра Вјоса Османи за претседателка на Косово.

Со 71 глас „за“ и 11 воздржани, Вјоса Османи беше избрана за нова претседателка на Косово со 5-годишен мандат.

Со ова, 38-годишната адвокатка стана втората лидерка на Косово по Атифете Јахјага, која беше претседателка од 2011 до 2016 година.

Таа за функцијата беше предложена од редовите на владејачкото Движење Самоопределување на косовскиот премиер, Албин Курти.

„Констатирам дека Собранието на Република Косово ја избра г-ѓа Вјоса Османи-Садриу за претседател“, соопшти претседателот на Собранието, Глаук Коњуфца.

Две опозициски партии и партијата на малцинството етнички Срби одбија да учествуваат во гласањето.

Косово остана без претседател кога во ноември Хашим Тачи поднесе оставка откако беше обвинет за воени злосторства.

Османи ја започнала својата политичка активност уште во тинејџерските години, како активист. Студирала право во Приштина, а потоа магистрирала и дипломирала на американскиот универзитет во Питсбург.