Митрополитот црногорско-приморски Јоанакиј беше устоличен на свечената литургија во Цетињскиот манастир, која се одржа под силно полициско обезбедување и со протести на граѓани на Црна Гора, кои се обидоа да ја спречат оваа верска манифестација. Во саботата и вчераутро на повеќе локации во и околу Цетиње имаше големи судири меѓу полицијата и демонстрантите, кои се противат на устоличувањето на новиот митрополит Јоаникиј во Цетиње. Демонстрантите на кои им се придружија и членови на опозиционата ДПС на актуелниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, се противат на устоличувањето на митрополитот на СПЦ во Цетиње затоа што сметаат дека на тој начин се одзема црногорската независност.
Полицијата употреби и солзавец против демонстрантите што се обидуваа да стигнат од Цетиње до манастирот во кој се одвиваше процесот на устоличување на Јоаникиј. Во инцидентите се повредени повеќе демонстранти и седум полицајци, а приведени се 14 лица, јавуваат црногорските медиуми.

Во Цетиње е уапсен и советник за безбедност на претседателот на Црна Гора, Ѓукановиќ, а за уапсениот, актуелниот премиер Кривокапиќ и шефот на безбедносните служби Дритан Абазовиќ посочија дека организирал напад врз полицајците, по што почнале инцидентите во Цетиње.
Граѓански активисти и експерти сметаат дека одлуката на црногорските власти да ја одобрат церемонијата на СПЦ и покрај големите безбедносни закани е донесена по налог од Белград и дека наскоро во Владата во Подгорица ќе влезат и претставници на просрпскиот Демократски фронт.
Странските претставници и Амбасадата на САД повикаа на итно смирување на состојбата, почитување и на правото на вероисповед и на правото на слободно собирање, кое треба да биде обезбедено од државните органи, а упатија повик да „не се покажува со прст за одговорност, а на крајот поединци ќе одговараат за своите постапки“.