Во два одвоени случаи грчката полиција уапси две лица кои со комбиња имале намера илегално од Грција да изнесат вкупно 31 мигрант.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, двата случаи биле откриени во поширокиот регион на Кукуш, а според дел од грчките медиуми, мигрантите требало илегално да излезат од Грција и да влезат во Македонија.

Во првиот случај, 20-годишен странски државјанин, кој, како што соопшти грчката полиција, откако ги забележал полицајците од Тимот за превенција и борба против криминалот, ја зголемил брзината и со опасни маневри се обидел да побегне, но бил фатен и уапсен. Според порталот Ворија, станува збор за Сириец.

– Во внатрешноста на возилото имаше 18 странци, кои имал цел да ги пренесе до границата, олеснувајќи им го илегалниот излез од земјата, се наведува во соопштението на грчката полиција.

Во вториот случај, целта на криумчарот била идентична, со комбе до границата да пренесе 13 странски државјани, за да им олесни нелегален излез од земјата.

Двајцата уапсени ќе бидат изнесени пред јавен обвинител во Кукуш, додека пак грчката полиција ги конфискуваше нивните возила.