Општеството во Босна и Херцеговина е длабоко поделено и ова не се однесува само на конститутивните народи, туку и на другите припадници на етнички заедници, се предупредува во документот на Советот на Европа. На обесправеност најмногу се изложени најмалобројните заедници, кога станува збор за некои елементарни услуги, како што се здравството, образованието, правото на работа или на дом.

– Нема вистински напредок за прифаќање на другите етнички групи – се посочува во документот што е изработен од Советодавниот комитет за заштита на малцинствата.
На јавниот сервис нема програми на јазиците на малцинствата, а тие не се користат ни во комуникацијата со власта. По пописот во 2013 година нема податоци колку граѓани не припаѓаат на трите конститутивни народи.

Во истиот документ, се посочува дека политичките лидери ја продолжуваат поделеноста во државата, а користењето говор на омраза не се казнува, што претставува опасен преседан. Повратниците во своите домови и натаму се изложени на напади, иако тие не се толку драстични како порано. Сегрегацијата во образованието е сѐ уште присутна.

Советот на Европа предупредува дека ниедна пресуда на Европскиот суд за човековите права, со кои се потврдува дискриминација за време на изборите, не е спроведена поради недостиг од политичка волја.

Ромите постојано се изложени на сериозна дискриминација, која извира од вкоренетите предрасуди. Тие тешко го остваруваат правото за работа, за основно и високо образование. Во документот се наведува високата стапка на напуштање на училиштата, особено на женските деца од ромската националност. Голем број Ромите живеат во недостојни услови за домување.


Годишно се иселуваат 20.000 Хрвати

В недела во Босна и Херцеговина се избира нова власт на државно, жупаниско и ентитетско ниво. Најголемо внимание предизвикува изборната трка за трите места во државното претседателство, во кои учествуваат петнаесетина кандидати од трите конститутивни народи.
Претседателот на Одборот за надворешна политика во Хрватскиот сабор, Миро Ковач, во разговор за ХРТ, вели дека Хрватска има обврска да го поттикнува спроведувањето на Уставот на БиХ.
– Сакаме сите три народи да бидеме рамноправни. Моето приватно мислење е дека може да се примени моделот на Белгија, каде што има три јазични заедници и влади на тие три заедници и сето тоа добро функционира. Можно е Хрватите да добијат можност тие во една посебна изборна единица да ги избираат своите претставници во Домот на народите, за парламентот на Федерацијата и за член на Претседателството. Хрватите би се чувствувале комфорно и би дале сѐ што е во нивна можност државата БиХ успешно да профункционира. Сега, кога се чувствува мајоризација постои мислење дека некој друг за нив носи одлуки. На овој начин ќе продолжи отселувањето. Годишно од БиХ се иселуваат 20.000 Хрвати и мораме да направиме сѐ што е во наша можност да се промени уредувањето во БиХ. Секако, тоа ќе го направат политичките претставници во БиХ – изјави Ковач во емисијата на ХРТ.