Фото: Игор Бансколиев

Битката за превласт на големите светски „играчи“ во геополитиката од Западот и Истокот не престанува да се одвива над Балканот. Додека во минатото копјата на суперсилите се кршеа над боиштата, сега тоа се случува дигитално, преку интернет

Предупредувања за безбедносни сајбер-превирања во регионот

Ако во минатото Балканот беше буре барут, каде што големите сили ги одмеруваа мускулите, сега регионот прераснува во дигитално боиште, каде што старите, но и новите ривали се судираат на интернет. Информациите што одат во полза на оваа теза укажуваат на зголемена пропагандна активност на големите играчи, кои притоа меѓусебно се обвинуваат со ривалите за недозволена активност, иако тешко дека некој во целата ситуација останува со „чисти раце“.
Неутралните набљудувачи веќе подолго време ги анализираат состојбите и веќе пројавуваат извесна загриженост, бидејќи Балканот е трусно подрачје, особено подложно на вакви појави, така што внимателноста никогаш не е отповеќе.
Вниманието на јавноста деновиве го привлече прилогот објавен на Радио Слободна Европа, во кој, меѓу другото, се тврди дека земјите како Русија и Кина со зголемена динамика вршат ширење дезинформации и спроведуваат сајбер-напади во регионот. РСЕ во својата анализа се повикува на податоци од хрватски разузнавачки центри, кои дошле до заклучок дека ова дејствување на источните моќни држави има цел да го дестабилизира Балканот.
Хрватската агенција за цивилно разузнавање (ХАЦР) во својот редовен годишен извештај забележува дека на интернет постојат опасности што би можеле да ја загрозуваат безбедноста на земјата.
Разузнавачкиот документ од Загреб посочува и дека најголем дел од овие хибридни „борбени“ активности се спроведува на интернет-домените во Босна и Херцеговина и Црна Гора, но и во Косово.
Според ХАЦР, хакерите од центрите на моќ што му се конкуренти на Западот ги публикуваат дезинформациите на интернет со задна цел, преку загрозување на меѓуетничките односи да ги дестабилизираат државите поддржувајќи го влијанието на т.н. идеја за голема српска држава на Балканот.

Посебен акцент, според извештајот на ХАЦР, се пласира во правец на неуспехот да се постигне српско-албански договор околу иднината на Косово, а сето тоа дополнително продуцира нестабилност во регионот каде што живее албанско и српско население.
– Овие случувања на интернет го потикнуваат јавното мислење дека постои и социјалната поделба во Црна Гора, но и ги засилуваат антинатовските движења на Балканот – наведува РСЕ.
Од друга страна, проруските медиуми лоцирани во Србија, пак, правејќи прилози на слична тема, ги обвинуваат Западот и Вашингтон дека шират дезинформации и антируска пропаганда.
Балканскиот сервис на „Спутник“ пишува дека Западот преку Америка се обидува по секоја цена да стекне големо влијание во регионот на интернет. Според новинската агенција, „регионалната јавност е сведок како пропагандните системи на овие земји лиферуваат информации што се невистинити и далеку од реални, особено ако се со политички контекст. Тоа е така бидејќи Западот посакува да придобие поголема доверба кај населението на Балканот врз основа на невистини изнесени на интернет“.
Во своја анализа на оваа тема, безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски констатира дека Балканот во минатото бил место за судар на суперсилите, а тој очигледно и во иднина ќе остане точка во која се кршат интересите на глобалните играчи.

Тој потенцира дека ако во историјата се војувало на фронтовите за влијание во Балканот, сега тоа се врши дигитално и боиштата се распоредени на интернет и на социјалните мрежи.
– Во светски рамки, многу интензивно се мобилизираат и цели системи за одбрана од сајбер-напади. За разлика од светот, Западен Балкан, а со тоа и Македонија, со години подлежи на сајбер-напади и ширење пропаганди и дезинформации од различни центри на моќ токму поради слабата одбранбена стратегија во дигиталната сфера. Целта на овие модерни војувања најчесто се и политичкиот и информатичкиот, но и безбедносниот систем на државите – вели тој.
Стефаноски укажува дека безбедносните структури во нашата држава се добро упатени во сите закани што ги носи новото време, но токму затоа треба соодветно да се следат сите промени и иновации на тој план. Наедно, и сите надлежни во нашата држава треба да обрнат големо внимание на овие настани и превентивно да изградат стратегија за одговор на хибридните закани што надвиснуваат над регионот, но и над Македонија.