Поради екстремно ниските температури несоодветни за грчкиот главен град Атина од денеска, па се до сабота отвори специјален загреан простор за згрижување на бездомните лица.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, надлежна за просторијата и за сите оние кои ќе побараат засолниште е службата за социјална солидарност од Општината, а отворени се и дежурни телефони кои работат 24 часа за граѓаните да пријават итни и вонредни случаи поврзани со бездомниците.

Паралелно, како што соопштуваат од Општината, претставници на прифатниот центар ќе излезат на терен и ќе интервенираат на местата каде што има бездомници, делејќи им ќебиња, топли напитоци и информации за просторот наменет за нив.

И периферијата Атика, поширокиот регион на Атина, соопшти дека во речиси сите општини се отворени простории за згрижување на ранливите групи граѓани.

Цела Грција од вчера е зафатена со студен бран, а во одредени делови, особено на планините на северот на земјата денес беа регистрирани температурти од 10 до 13 Целзусови степени под нула.