Граѓаните во Бугарија дишат најзагаден воздух во Европа, а меѓу најзагадените градови е Софија. Највисоко загадување во бугарските градови се регистрира во декември и во јануари, кога временските услови се најлоши. Како најголеми причини за загадувањето на воздухот се затоплувањето на домовите со цврсти горива и сообраќајот, пишуваат медиумите во Бугарија.
Ивајло Хлебаров од здружението „За земјата“ вели дека по влезот во ЕУ, односно од 2007 година, Бугарија не ги исполнува нормите за присуство на фините честички во воздухот, за што веќе била и санкционирана.
Тој објасни дека Бугарија, за разлика од другите земји, е изложена на многу повисоки концентрации на загадување, па мора да вложува поголеми напори за да се справи со проблемот.
– Во истражувањето на национално ниво, 55 отсто од интервјуираните луѓе мислат дека загадениот воздух носи сериозни здравствени последици, а 22 отсто од нив немаат мислење, односно не ги знаат последиците. Ако сакаме да подобриме нешто, граѓаните треба јасно да се вклучат во мерките за замена на начинот на греење. Луѓето треба да имаат многу повеќе информации за здравствениот ефект на загадениот воздух – вели Хлебаров.
Загадениот воздух е причина за предвремена смрт на речиси 15.000 Бугари во текот на 2015 година, покажуваат податоците на Европската агенција за животна средина. Други 640 случаи на предвремена смрт се поврзани со пречекорувањето на дозволената норма на концентрација на азотен диоксид, што е последица на загадувањето од автомобилите, беше посочено во телевизиската емисија „Бугарија он ер“.
Само во земјите од Европската Унија бројот на овие случаи е 391 илјада. Меѓу државите со најлошо ниво на присуство на штетни честички во воздухот, во источноевропскиот регион, се Бугарија, Полска и Словачка. Други земји со загаден воздух над дозволените норми се Хрватска, Србија, Албанија и Босна и Херцеговина и Македонија.