Саиф ал-Ислам Гадафи е роден во Триполи, на 25 јуни 1972 година, и е втор син на поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи. Тој магистрира во Виена, Австрија, а потоа докторира на Лондонската школа за економски науки во Велика Британија, во 2000 година. Откако НАТО го поддржа востанието за соборување на режимот на Гадафи, во февруари 2011 година, Саиф ал-Ислам се приклучи на бруталната акција на неговиот татко. Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Саиф ал-Ислам, неговиот татко и чичко за злосторства против човештвото во задушувањето на востанието.
На 20 октомври 2011 година, Моамер Гадафи беше заробен, а набрзо и егзекутиран, за време на битката за Сирт. Само неколку дена подоцна, опозициската милиција на Абу Бакр ал Сидик го зароби Саиф ал-Ислам и го држеше како заложник во Зинтан, западна Либија, до 2017 година. Судот во Триполи му изрече смртна казна на Саиф во судскиот процес што се водеше во негово отсуство, во 2014 и 2015 година. Но, сепак, неговата казна беше укината според контроверзниот закон за амнестија на Врховниот суд.
Лани во октомври, Владата на национален договор во Триполи и опозициските сили на генералот Халифа Хафтар потпишаа примирје со посредство на ООН, со што се отвори патот за претседателски избори во декември годинава. На 30 јули, „Њујорк тајмс“ објави интервју со Саиф, во кое тој навести дека би можел да се кандидира за претседател.