Само два дена по силниот земјотрес Хаити го погоди тропскиот циклон Грејс проследен со обилни врнежи од дожд, што предизвика дополнителни проблеми за илјадници загрозени луѓе и им ја отежна работата на преполните болници и спасувачите.

Синоќа силен дожд и ветер го погодија југозападниот дел на земјата, кој најмногу настрада во земјотресот во саботата и официјалните лица предупредија дека врнежите во некои области може да достигнат 38 сантиметри пред да помине бурата.

Невремето и дождот го зголемуваат ризикот од свлечишта и поплави во време кога државната агенција за цивилна заштита веќе потврди 1.419 смртни случаи во земјотресот, а бројот на повредени се искачи на 6.000, од ​​кои многумина чекаат лекарска помош и лежат во ходници, тераси и надвор пред болниците во екстремни временски услови.

Земјотрес со јачина од 7,2 степени според Рихтеровата скала го погоди Хаити во саботата, епицентарот беше на 125 километри западно од главниот град Порт-о-Пренс, а официјалните лица изјавија дека земјотресот целосно уништил повеќе од 7.000 домови и оштетил уште речиси 5.000, а околу 30.000 семејства останале без покрив над главата.

Болниците, училиштата, продавниците и црквите исто така се уништени.