Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека ќе донесе одлука за повторно кандидирање за Белата куќа по изборите за Конгресот во ноември следната година.

„Ројтерс“ пренесува дека Трамп за „Фокс њуз“ изјавил дека во моментов е посветен на помагање на колегите републиканци во обидот да ја повратат контролата врз Претставничкиот дом и Сенатот на изборите во 2022 година и дека верува дека има многу добри шанси за тоа.

Трамп истакна дека одлуката за новата кандидатура за Белата куќа ќе ја донесе по тие избори и дека истражувањето на јавното мислење покажува дека неговите приврзаници се подготвени да го поддржат доколку повторно влезе во трка за претседателски мандат.

Поранешниот американски претседател исто така рече дека ќе спроведе кампања на изборите во 2022 година за кандидати кои го поддржуваат него и неговата политика и против оние републиканци кои ги смета за нелојални.

„Ројтерс“ известува дека за време на интервјуто, Трамп препорачал сите да се вакцинираат против коронавирусот, а неодамнешните анкети во САД покажуваат дека голем број републиканци и приврзаници на Трамп имаат резерви за имунизацијата.

– Тоа е одлична вакцина. Тоа е безбедна вакцина. И тоа е нешто што работи. Јас би им го препорачал на многу луѓе кои не сакаат да се вакцинираат, и знам дека многу од нив навистина ме поддржуваат – рече Трамп, кој самиот е вакциниран во јануари.