Филипини

Филипините се погодени од супертајфунот Раи, локално познат како Одета, кој пристигна на источниот брег на земјата, зафаќајќи ги прво островите Динагат, Сиаргао и Бучас Гранде, околу 700 километри јужно од главниот град Манила. Со брзина на ветрот до 195 километри на час, Раи е најсилниот тајфун што ги погоди Филипини оваа година, соопшти метеоролошката служба на јужноазиската островска држава.
Околу 100.000 жители ги напуштија своите домови, барајќи засолниште во регионите со поголема надморска височина. Тие се сместени во училишта, спортски сали или објекти на локалната власт. Според медиумските извештаи, невремето што деновиве брзо се засили и од тајфун прерасна во супертајфун, што е еквивалентно на категоријата пет, со која се вреднуваат ураганите во Атлантикот, е досега незапаметено во поновата историја на Филипините.
Тропската бура претходно брзо доби интензитет и сега се движи во западен и северозападен правец. Во повеќе од 20 провинции и области е издадено предупредување поради Раи. Бродскиот сообраќај во погодените области е запрен, а авионските компании откажаа голем број летови.

Подготвил: Дејан Србиновски