Фото: Архива

Бугарија најавува дека нема да отстапи од своите барања во засебна изјава поднесена до Советот на Европската Унија, во врска со отпочнувањето на пристапни преговори со Македонија.

Софија објаснува дека формулацијата од заклучоците на Советот на ЕУ од вторникот за „одржување на првата меѓувладина конференција што е можно поскоро, по усвојувањето на преговарачката рамка” не претставува никаков автоматизам помеѓу усвојувањето на наведената рамка и одредувањето на датум за првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ.

Бугарија најавува дека ќе го услови усвојувањето на преговарачката рамка со „инкорпорирање на дополнителна одредница за отворање на кластерот „Фундаменти”, во форма на патоказ за имплементација на Договорот за пријателство. Згора, од Софија е најавено и условување со историските личности, олеснување на бугарските инвестиции во Македонија, Коридорот 8 и прекин за барањето за признавање на македонско малцинство во Бугарија. Софија го посочува и наводниот говор на омраза против бугарските државјани во Македонија. Бугарија во документот се навраќа и на толкувањето на историјата.

Бугарија истакнува дека „се придружува кон консензусот на земјите-членки на усвојување на преговарачката рамка за Албанија и одржување на првата меѓувладина конференција помеѓу Албанија и ЕУ, додека за Македонија ќе инсистира на овие бројни услови и за затворање на поглавјата и кластерите, кога, и доколку, започнат преговорите со ЕУ.