Супертајфунот „Гони“ вчера го погоди брегот во провинцијата Катандуанес на Филипините, преминувајќи потоа во тропска бура. Брзината на ветерот достигна 217 километри на час. Ова го рангираше тајфунот „Гони“ како најмоќната бура што ја погоди нацијата од Југоисточна Азија во последните неколку години, пренесува „Њујорк тајмс“.

Повеќе од 300 куќи се закопани под вулкански карпи и истечената кал од вулканот Мејон во сериозно погодената провинција Албеј во регионот Бикол. Невремето погоди некои крајбрежни градови, додека реките се излеаа и насипите беа уништени, потопувајќи неколку села во Бикол. Најмалку 10 лица загинаа, а три други се водат за исчезнати. Тајфунот, сепак, ја поштеди престолнината на Филипините. Дали следниот пат Манила ќе има толку среќа? 

– Фала му на Бога, во голема мера, бевме поштедени од тајфунот. Но, сочувствуваме со жителите на регионот Бикол, кои тешко беа погодени од невремето – рече Франциско Домагосо, градоначалник на Манила. 

Филипините можеби ја имаа среќата со „Гони“, кој е 18-тиот тајфун што ја погоди земјата годинава. Островската земја се наоѓа на таканаречениот Огнен прстен, сеизмички активна зона која го опкружува Тихиот океан, а ја опфаќаат земјотреси и вулкани. Тајфуните се редовна појава на Филипинскиот архипелаг, каде што живеат над 100 милиони луѓе. Смртоносните поплави и свлечишта се вообичаени, а земјата останува изложена на мноштво природни катастрофи.

 

Сега, климатските промени ја влошуваат изложеноста на Филипините на природни катастрофи, правејќи ја една од најранливите земји на планетата, велат научниците. Масовното уништување на шумите исто така ја има уништено природните бариери за одбрана од ветерот и водата. 

– Климатските промени се меѓународна идеја, но ние се соочуваме со ова на локално ниво и не сме опремени со доволно прогресивна визија за овој проблем – вели Дакила Ким Ји, социолог на колеџот „Висајас Таклобан“.

По тајфунот „Хаијан“, една од најмоќните тропски бури што се регистрирани која уништи повеќе од четири милиони домови во 2013 година, а убивајќи повеќе од 6.300 луѓе, локалните власти започнаа да подготвуваат подобри планови за евакуација. 

Речиси милион луѓе беа евакуирани пред „Гони“ да го погоди брегот во провинцијата Катандуанес, соопштија надлежните официјални лица.

Ваквите масовни напори, кои се случија додека некои центри за евакуација при тајфун се користеа за сместување на пациенти со коронавирус, спасија голем број животи, додека штетата сè уште се проценува. Речиси 8.500 куќи се отсечени од мрежата за електрична енергија. 

– Доколку „Гони“ ја задржеше својата жестокост и тргнеше по друг пат, штетите ќе беа незамисливи. Тајфунот можеше да засегне и до 20 милиони луѓе – вели Рикардо Џалад, шеф на националната агенција за катастрофи.

„Гони“ нема да биде последното невреме на Филипините. Прашање на време е кога островската земја ќе биде погодена повторно од катастрофален тајфун кој ќе предизвика енормни штети и прекин на електричната енергија, телекомуникациските услуги и уривање на домовите на крајбрежјата. Националната агенција за временска прогноза веќе предупредува дека „Атсани“, уште едно тропско невреме, наскоро ќе следи по стапките на „Гони“.