НА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА ГОДИШНИНАТА НА СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ

Државниот секретар Мајк Помпео на одбележувањето на 231-та годишнина од формирањето на Стејт департментот ги истакна успесите на американската дипломатија во изминатата година, меѓу кои го посочи и зачленувањето на Северна Македонија во НАТО.

– Во годината што измина продолживме со притисокот против режимот во Иран, промовиравме мир во Авганистан… На нашите сојузници и партнери им ја откривме вистинската природа на кинеската Комунистичка партија. Исто така, ја пречекавме Северна Македонија како 30-та членка на НАТО и објавивме план за имплементација на американската стратегија за жените, мирот и безбедноста, бидејќи да се даде власт на жените е правилно и тоа ќе го направи светот побезбеден – се вели во соопштението на американскиот државен секретар.

Понатаму, тој додава дека е горд на шефовите на дипломатии кои секојдневно ја унапредуваат американската надворешна политика како еден тим, со една мисија и една иднина.

Говорејќи за пандемијата со ковид-19, Помпео истакна дека САД прават големи напори за решавање на овој проблем, и дома и во светот.