НАТО се соочува со бројни предизвици и проблеми кои допрва треба одвнатре да ги реши, во ситуација кога го зголемува членството, очекувајќи го приемот на Македонија како 30-та држава во воената алијанса, наведуваат светските медиуми.

НАТО создава проблеми за САД и за повеќето негови членки. Одредени членки почнаа и да се оттргнуваат од либералните вредности, а антидемократските сили земаат замав. Тоа не требаше да се случи. Внатрешните фактори, исто така, претставуваат закана за Алијансата. Во Унгарија, Полска, Турција и од неодамна во Италија, забележан е подем на национализмот, што доведе до уназадување на демократијата. 

Европската Унија (ЕУ) е зависна од САД во поглед на безбедноста, со што се зголемува притисокот за создавање на автономна европска одбранбена политика. ЕУ во последните неколку години бара „стратешка автономија“, иако ваквата идеја не е прецизно дефинирана. Повиците за создавање на европска армија се актуелни меѓу политичарите на Стариот континент во изминатите неколку години.

– За колективната одбрана да биде ефективна, нејзините единици треба да се подредат на заедничкото добро. Тоа би можело да се случи, иако постои скептицизам, бидејќи состојбата не е таква денес. А Европа беше поделена и околу кризните случаи на Косово и на Ирак – пишува американскиот интернет-портал „Спектатор“, напоменувајќи ја можноста НАТО да стане „алијанса на два столба“ од кои едниот би бил европски. 

Воената алијанса првобитно беше формирана, не за да шири демократија, туку да ја брани. Ова го постигнуваше преку балансирање наспроти заканата од СССР и од Варшавскиот пакт. Постоењето по Студената војна, затоа, внесе забуна кај одредени познавачи на меѓународната политика.

Сите членки треба да одлучат дали НАТО уште е воен сојуз, или како што Бил Клинтон и други веруваа, социјален клуб на европските демократии. Ако првото тврдење е точно, сите членки треба да се посветат на одржување на адекватна одбрана. Ако пак, второто е точно, тогаш тие треба да го отстранат членот пет (според кој нападот врз една членка на НАТО, е напад врз сите членки – н.з.).

– НАТО уште може да придонесе за континуираниот мир во Европа, и покрај сите предизвици со кои се соочува. Но организацијата мора да се промени. НАТО мора да одлучи за сопствената цел, да ја преиспира мисијата и да ги преиспита сопствените должности – се наведува во анализата на американски „Нешнл интерест“.

Откако ќе ги одредат суштинските цели, потоа треба да го одредат и начинот на кој ќе ги постигнат. Лидерите на НАТО треба да ги преиспитаат и критериумите за членството во Алијансата и да ги исфрлат државите што не ги исполнуваат. Засилувањето на обврзаноста меѓу членките ќе осигури транспарентност и ќе изгради доверба во Алијансата.