Најмалку десет лица загинаа, а десетици други се повредени или исчезнати по нападот врз конвој што превезувал работници од канадската рударска компанија „Семафо“ на истокот на Буркина Фасо, пренесува „Ројтерс“.

Делови од Буркина Фасо последниве години се погодени од насилството на исламските екстремисти, а „Семафо“ ги засили безбедносните мерки минатата година по вооружените инциденти во близина на двата рудника на компанијата во таа земја.

Компанијата соопшти дека нападот се случил меѓу рудниците Фада и Бунго и дека повеќе луѓе се убиени и повредени.

Еден неименуван дипломатски извор и два безбедносни извора подоцна прецизираа дека загинале десет лица.

Извори за безбедност велат дека првото возило, кое припаѓа на воената придружба на конвојот, било погодено од импровизирана експлозивна направа.