Лондон – Британската полиција открила 39 тела во камион што пристигнал од Бугарија. Полицијата соопшти дека го уапсиле 25-годишниот возач на камионот, кој по потекло е од Северна Ирска, под сомнение за убиство. Телата на 38 возрасни луѓе и на една тинејџерка биле пронајдени во индустриска зона во близината на Лондон. Началникот на полицијата Ендрју Маринер изјави дека камионот е од Бугарија и влегол во земјата во саботата на 19 октомври.

Женева – Неидентификуван маж се запали пред седиштето на Агенцијата на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) во Женева. Портпаролката на УНХЦР, Лиз Тросел, изјави дека веднаш пристигнале медицинските служби, кои го згрижиле мажот. Тросел додаде дека мажот го преживеал инцидентот и оти допрва се истражуваат причините за немилиот настан.

Багдад – Американскиот министер за одбрана Марк Еспер пристигна во ненајавена посета на Багдад, каде што требаше да оствари средба со ирачкиот премиер Адел Абд ал Махди и со својот ирачки колега. Се очекуваше на средбата Ал Махди да се разговара за намалувањето на бројот на американски војници во Сирија и каква улога ќе има тоа за Ирак. Претходно Еспер истакна дека околу илјада американски војници, кои се повлекуваат од северниот дел на Сирија, ќе пристигнат во западен Ирак.

Сочи – Црноморскиот град Сочи е домаќин на самитот Русија – Африка, на кој ќе копретседаваат рускиот претседател Владимир Путин и претседателот на Египет Абдел Фатах ел Сиси, кој е и претседател на Африканската унија. Ова е прв собир на вакво ниво во историјата на руско-африканските односи. Посебно внимание ќе им биде посветено на перспективите на односите на Русија со африканските земји и проширувањето на политичката, економската, техничката и културната соработка.