Според најновата ранг листа, САД го задржаа првото место на најмоќни земји во светот во 2019 година, а на второ и трето место се Русија и Кина.

Листата на „Ју-Ес њуз енд ворлд рипорт“ (US News and World Report) се подготвува врз основа на политичкото и финансиското влијание на една земја, како и на нејзините меѓународни сојузи, силата на нејзината армија и како таа дејствува како меѓународен лидер.

„Ју-Ес њуз енд ворлд рипорт“ ги опишуваат САД како „доминантна економска и воена сила во светот“ и земја која има големо културно влијание преку нејзините книги, филмови, музика и телевизиски емисии.

Политичките одлуки на претседателот Доналд Трамп предизвикуваат прашања ширум светот, вклучително и кај најблиските сојузници на САД, за идниот курс на земјата на глобалната сцена.

Русија е опишана како најголема светска држава по копнена маса и која граничи со повеќе од десет земји, а нејзината голема моќ се должи на економскиот раст кој доаѓа од резервите на нафта и јаглен. Русија, исто така и моќна армија.

Кина, која е на трето место е земја со најбројно население и е втора најголема светска економија.

На четврто и петто место се Германија и Велика Британија, а потоа следат Франција, Јапонија, Израел и Саудиска Арабија.

Првите девет држави се рангирани исто како и во 2018 година, а на 10. место годинава е Јужна Кореја наместо Обединети Арапски Емирати.

Најголемо изненадување на листата е Ирак, земја уништена од војни и терористички напади, која минатата година ја немаше меѓу 80. рангирани држави, а сега е на високото 19. место.

Од Балканот, највисоко котира Турција на 16 место, Грција – 41, Србија – 52, Романија на 70, Бугарија – 73, Хрватска – 75 и Словенија на 78 позиција.

Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора не се рангирани. 
На претпоследното 79 место е Летонија, а на последното место од листата е Естонија.