За време на демонстрациите во главниот град на Чиле, Сантијаго, полицијата вчера со толпата се справуваше со помош на солзавец и водени топови, а демонстрантите одговорија со различни средства, вклучувајќи и молотови коктели.

Со нив биле погодени и две полицајки кои завршија во болница. Тие биле погодени во пределот на главата, а особено шокантни се фотографиите и снимките од една од нив, на кои се гледа целиот ужас низ кој поминува полицајката додека нејзините колеги се обидуваат да го изгаснат оганот.

Повредени се 20-годишната Абигејл Каталина Абурт Кардењас и нејзината постара колешка, Марија Хозе Хернандез Торес, и двете припаднички на специјалната полиција на градот Сантијаго. Нив во болница ги посети министерот за внатрешни работи Гонзало Блумел, кој го осуди нападот.

Протестите во Чиле започнаа кон средината на октомври поради порастот на цената на билетите за метрото во главниот град, но набрзо прераснаа во израз на општо незадоволство од владеењето со земјата.