Кина воведе забрана за казнување во училиштата што може да предизвика физичка и психолошка траума, бидејќи неколку ученици починаа во последните години по тешкото физичко казнување.

Новите правила на Министерството за образование забрануваат казни во училиштата што ги понижуваат учениците. Тие исто така ја засилуваат постојната забрана за физичко казнување.

Тепањето, казнувањето на ученици да стојат или да клечат неколку часа во училницата се дел од забранетите практики, како и навредите.

Сега учениците се охрабруваат да се извинат во писмена форма или да направат помали задачи во училницата за помали грешки, како на пример, ако заборават да напишат домашна работа.

За посериозни прекршоци како што е задевањето, ученикот може привремено да биде исклучен од часот и да биде испратен на разговор со психолог.

Телесните казни беа забранети во Кина уште во 1986 година, но тоа не се почитуваше и родителите честопати замижуваа на ваквите постапки.

Министерството не соопшти дека ќе ги казни наставниците кои нема да ги почитуваат новите упатства. Кинеските медиуми редовно известуваат за деца кои умираат од ќотек на училиште или се убиваат заради јавно понижување во училиштето.

10-годишна ученичка почина во провинцијата Сечуан, на југозападот од земјата, откако наставник по математика ја повлече за уво и ја удри по главата како резултат на грешка, објави државната агенција „Ксинхуа“.

Новиот закон за семејно воспитување, кој исто така забранува физичко казнување, треба да биде усвоен на годишната пленарна сесија на Националниот народен конгрес (Кинески парламент) што започнува в петок.