Почнувајќи од 2018 година, претставникот на Катар патуваше со милиони долари во куфери од Доха до аеродромот „Бен Гурион“ во Тел Авив, по што беше придружуван од израелската разузнавачка служба Мосад до Појасот Газа. Парите што ги носеше беа користени за купување гориво за електраната во Појасот, за финансирање на инфраструктурни проекти, а пружаа и месечна помош од 100 долари за илјадници сиромашни палестински семејства, пишува „Форин полиси“.

Израелското разузнавање, сепак, знаело дека Хамас, кој де факто управува со Газа, пренасочува дел од парите. Израелците се водеа според идејата дека катарските пари ќе го смират Хамас и оти всушност ќе го одвратат од ракетните напади врз израелските градови. Но се чини дека таквата политика не резултираше со посакуваниот ефект, како што истакнале повеќе официјални лица од Израел во разговор за американскиот магазин.

– Дали катарската процедура успеа за нас? Не мислиме така – вели Еран Лерман, поранешен заменик-советник за национална безбедност во Израел.

Во неодамнешната војна со Хамас, Израелците беа изненадени од способноста на милитантната група да изврши ракетни удари врз израелските градови, со што и Ерусалим бил во досегот на нападите. Хамас успеал да истрела 4.360 ракети во рок од 11 дена, што е четирипати повеќе во однос на претходниот 50-дневен судир од 2014 година. Згора, Хамас успеал да создаде покомплексна мрежа на тунели во која го криел својот арсенал, наспроти надзорот од страна на Израел.

Израелците затоа се сомневаат дека значителен удел од катарските пари бил искористен од страна на Хамас за обновување на капацитетите и за купување материјали за проширување на мрежата на тунели. Минатата недела Израел не дозволи катарската помош од 30 милиони долари да биде директно испорачана во Газа. Хамас набргу се закани дека дополнително ќе одлучува за примерјето кое е на сила. Но Израелците се решени да ја преобмислат нивната стратегија. Наместо т.н. стратегија „Кеш за мир“ тие сега планираат да ги користат фондовите за реконструкција како залог против вооружувањето на Хамас.

Повеќе организации за човекови права и хуманитарна помош предупредија дека ваквиот пристап можеби нема да ги постигне планираните цели, и оти само ќе придонесе за тешката состојба на палестинците. Катар, пак, тврди дека помошта е овозможена во договор со Израелците и оти тие знаат како се користат парите. Израел, сепак, сака да го замени Катар со арапскиот блок во државата, кога во прашање е давањето на лидерската улога во идната обнова на Појасот Газа.