И домашни превирања кај источниот сосед

Според магазинот „Политико“, редицата политички скандали и безбедносни афери, почнувајќи од наводи за можна корупција на високи политичари, преку сомнежи за прислушувања на опозицијата, па сѐ до тврдења за изнуда на пари се настаните што периодов ја брануваат бугарската јавност и ја чинат оваа држава да биде заробена демократија

Бугарија деновиве, во период кога таа се подготвува да ги одржи парламентарните избори закажани за 11 јули следниот месец, се соочува со голем број политички скандали и афери, кои се најдобар доказ дека во оваа земја не се почитуваат европските вредности. Јавноста дури периодов од толку нови случки започна и да ги заборава скандалите со прислушувањето на опозициските политичари, обвинувањата за изнуда на пари на земјоделскиот магнат од страна на поранешната влада на Бојко Борисов, но и случајот со стотиците милиони евра државни пари што легнаа на мала група фаворизирани компании. Искрено доколку се погледне од близу оваа балканска држава, која впрочем е членка на Европската Унија, на многумина случувањата што се актуелни периодов ќе им заличат како од некоја мафијашка хит-серија од малите екрани. Сепак, големото прашање е дали сево ова е конечната пресвртница со која дефинитивно ќе заврши ерата на Борисов, поранешниот пожарникар и телохранител, чија партија ГЕРБ доминираше во политиката на оваа земја повеќе од една деценија и направи таа да има заробени институции.

Ова, меѓу другото, во своја анализа го наведува угледниот магазин „Политико“, кој за последните случувања во Бугарија пишува дека најсиромашната нација на ЕУ има долга историја со корупција, а огромниот обем на новите афери и откритија говорат колку таа била заробена држава низ годините.

Свежите случки, според магазинот, само го зајакнаа широко распространетиот јавен гнев кон политичката елита, која, слична на октопод, ја држела власта како криминална банда што вршела рекети на стопанството со помош на безбедносните служби, медиумите и судството.
– Опсегот на скандали е голем и различен и го отежнува ставањето под тепих на важните прашања како ендемската корупција – вели Димитар Бечев, политички аналитичар и постар соработник во „Атлантскиот совет“.

Пролет на скандали

Во исто време магазинот потсетува дека од последните избори во април, скандалите во земјата зачестија и пребрзо започнаа да испливаат на површина. Се чини дека тие се резултат на начинот со кој ГЕРБ ја практикуваше власта со години, додека Борисов ги креваше рамениците и сѐ уште се прави дека ништо не знае. Во мај, Атанас Атанасов, од антикорупциската партија Демократска Бугарија, соопшти дека повеќе од 30 опозициски политичари биле прислушувани во пресрет на изборите во април. Додека списокот на политичари, како и основите за прислушувањето не се објавени, привремениот министер за внатрешни работи Бојко Рашков сепак ги потврди тврдењата. Тој отиде чекор подалеку и објави дека дури и привремениот премиер Стефан Јанев е меѓу оние чиј телефон бил прислушуван од службите.

Во меѓувреме, како што пишува „Политико“, друг опозициски политичар информира дека прислушувањето во земјата опфатило повеќе од 80 лица и се претпоставува дека започнало за време на антивладините протести минатото лето. Бугарските обвинители засега ги испитуваат овие тврдења изнесени во јавноста, додека ваквите наоди влева страв кај Бугарите дека обвинителите, полицијата и разузнавачките служби се длабоко вмешани во политичката корупција.

Западни санкции за непослушните

Паралелно на сево ова, покрај големиот наплив на јавни обвинувања кон поранешните власти периодов и САД најавија можни санкции кон бугарски компании и дел од политичарите. Анкетите во земјата не посочуваат дека антикорупциските или антиестаблишмент партиите, кои се во пораст, можат да го тргнат „зацврстениот стар чувар“. Исто така, нема непосреден знак дека ЕУ наскоро ќе стори нешто за да го запре протокот на европски средства во земјата.

– Не очекувам некои остри кривини во ставот на Брисел кон една од најкорумпираните земји-членки на ЕУ. Сега прашањето е дали моќните земји-членки, како Германија и Франција, ќе ги земат предвид проблемите со Бугарија во срцето – вели аналитичарот Бачев и додава дека е скептичен дека тие ќе го направат тоа. Според него, единствената ефективна санкција за која е докажано дека функционира е суспендирање на средствата од ЕУ.

Инаку, откако Бугарија ѝ се приклучи на ЕУ во 2007 година, Брисел неколкупати досега ги скрати средствата за земјата, и тоа во 2008 година, но и во 2014 година поради загриженост за неправилно трошење. Според медиумот, новиот механизам на блокот што го поврзува финансирањето на ЕУ со владеењето на правото, на крајот може да стане алатка за справување со системската корупција во Бугарија, додека засега нема никакви најави од Брисел за какви било санкции.