Британската полиција и разузнавачките служби ги идентификувале осомничените за нападот на поранешниот двоен шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија, пишува „Дејли телеграф“.
Британскиот весник наведува дека полицијата работи на случајот против осомничените, за кои се верува дека се вратиле во Русија. „Телеграф“ дознава дека истрагата ќе трае уште неколку месеци, но оти дошло до „голем чекор на напредок“ во идентификацијата на лицата за кои се верува дека се вмешани во нападот. Осомничените најверојатно биле идентификувани преку листата на летови.
Сергеј и Јулија Скрипал беа отруени со нервен агенс во Салсбери на 4 март. Јулија беше отпуштена од болницата, а татко ѝ сѐ уште закрепнува таму. Британија ја обвини Русија за нападот, додека официјална Москва негира дека е вмешана во случајот.