Индија привремено затвори пет од вкупно 11 електрани на јаглен околу главниот град Њу Делхи, како дел од борбата против загадувањето на воздухот. Затворањето беше наредено од комисијата за управување со квалитетот на воздухот на Федералното Министерство за животна средина.

Комисијата исто така, го забрани возењето камиони што превезуваат несуштинска стока и го запре градењето во Делхи и соседните градови, пренесува „Ројтерс“. Властите во Делхи ги затворија училиштата и колеџите на неодредено време поради влошената ситуација со загадувањето во главниот град на Индија.

Комисијата предупредува дека постои недвосмислена потреба да се обезбеди квалитетот на воздухот да не се влошува дополнително.

Нивото на загаденост овој месец достигна сериозни размери – индексот на загаденост во Њу Делхи е дури 499 на скала од 500 – што е предупредување дека и здравите луѓе се изложени на ризик од развој на респираторни заболувања.

Нивото на ситни ПМ2,5 честички, кои можат да го загрозат респираторниот систем и да ја блокираат работата на белите дробови, е далеку повисоко во Њу Делхи од безбедносните упатства на Светската здравствена организација (СЗО), јавува „Би-би-си“.

Годинава загадувањето е рекордно, што предизвика строго предупредување од индискиот Врховен суд и наредба до државните и федералните влади да преземат итни мерки за решавање на тој проблем.