Лидерите на Европската Унија се подготвени да воведат построги мерки за Белорусија додека протестите на опозицијата во земјата против изборните резултати не се смируваат. Поранешната кандидатка за претседател на Белорусија, Светлана Тихановскаја, ги повика европските лидери да не ги признаат резултатите од претседателските избори одржани на 9 август, на кои победи Александар Лукашенко.
– Ве повикувам да не ги признаете овие лажни избори – изјави Тихановскаја, обраќајќи се до Европскиот совет на англиски јазик на видеото што беше објавено на Јутјуб. Таа додаде дека иницирала формирање национален координативен совет на Белорусија за да се олесни мирната транзиција на власта во Белорусија, пренесува ТАСС. Во меѓувреме Москва во голема мера молчи за протестите во Белорусија.

Иако Лукашенко побара помош од Путин, аналитичарите велат дека Русија засега нема добри опции за исполнување на ова барање. Во исто време белорускиот претседател Александар Лукашенко го отфрли формирањето на советот како обид за преземање на власта. Лукашенко изјави дека тој е убеден оти Западот ги финансира уличните собири и немирите во таа земја.