Турција нема да толерира никакви напади врз нејзиниот интегритет, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, по повод 83-годишнината од смртта на Мустафа Кемал Ататурк, основачот на модерна Република Турција, јавуваат тамошните гласила.

„Никогаш нема да дозволиме напади врз интегритетот на нашата земја, опстанокот на нашата држава, единството, мирот и вековните вредности на нашата благородна нација. Со историските успеси што ги постигнавме во сите области, особено во образованието, здравството, безбедноста и индустријата, решително се движиме кон нашите стогодишни цели за 2023 година“, напиша Ердоган во меморијалната книга во мавзолејот на Ататурк во главниот град Анкара.

Тој му оддаде почит на Ататурк зборувајќи за развојните фази низ кои поминала земјата од нејзиното основање.

„Ќе ја подигнеме нашата земја на ниво на најпросперитетните и најцивилизираните земји во светот. Ќе направиме нашата нација да има најобемни средства и ресурси за просперитет. Ќе ја подигнеме нашата национална култура над нивото на модерната цивилизација. Нашиот народ ги покажа сите наши пријатели и непријатели бранејќи ја својата земја сè посилно по секој камен на сопнување“, рече Ердоган.