Автор: Тревис М. Ендрус

Вашингтон пост

Митингот на Доналд Трамп во саботата во Тулса имаше слаб одзив кај неговите поддржувачи. Иако од организацијата на неговата кампања тврдеа дека добиле над милион барања за билети и биле подготвени за полна арена, сепак, помалку од 6.500 поддржувачи беа присутни на митингот. Според нив, корисниците на Тик-ток и обожавателите на корејска поп музика (к-поп) биле заслужни за ваквата бројка.

Откако митингот беше најавен преку Твитер на 11 јуни, обожавателите на к-поп почнаа да ги шират информациите за регистрација на социјалните медиуми и ги охрабруваа луѓето да регистрираат без физички да присуствуваат на настанот. Следниот ден, Мери Џо Лауп објави видео-снимка на Тик-ток во која им порача „на сите кои сакаат арената од 19.000 седишта да биде речиси или целосно, празна да резервираат карти и да го остават Трамп сам на бината“. (До вчеравечер, оваа видео-снимка имаше над два милиони прегледи.) За кратко време, многу млади корисници на Тик-ток почнаа да објавуваат свои видео-снимки на кои токму истото го порачуваат.

На 15 јуни, менаџерот на кампањата на Трамп, Бред Парскејл, објави на Твитер дека добиле над милион „барања“ за присуство на митингот. Членови на кампањата, вклучувајќи го и самиот претседател, во неколку медиумски гостувања го истакнаа
милионскиот број во пресрет на саботниот митинг. Но според пожарникарната служба во Тулса на настанот се појавиле помалку од 6.200 лица. „Њујорк тајмс“ и „Си-ен-ен“
пишуваа дека корисниците на Тик-ток и обожавателите на к-поп во голема мера се
заслужни за ваквиот исход.

Потоа на Твитер почнаа да се шират неколку трендови на оваа тема. Кампањата на Трамп излезе со соопштение дека „новинарите кои со задоволство пишувале за случувањата на Тик-ток и меѓу обожавателите на к-поп, без притоа да ја контактираат организацијата на кампањата за коментар, се однесувале непрофесионално и се приклучиле на таквата фарса. Регистрирањето за митингот значи дека се потврдува присуство преку телефонскиот број, а од кампањата постојано се работело на отстранување на лажните броеви, како што се постапило и со десетици илјадници на митингот во Тулса во пресметување на можните посетители. Лажните билети никогаш не влијаеле на конечните бројки“.

Како што приказната се ширеше на социјалните медиуми, така таа почна малку да се
извртува токму како играта „расипан телефон“. Првичната приказна дека „корисниците на Тик-ток и обожавателите на к-поп го наведоа Трамп да ја прецени толпата“ прерасна во тоа дека „токму тие биле причината затоа што на митингот присуствувале помалку од
6.200 лица“. Првичната приказна е вистинита до одредена мера, но втората веројатно е
лажна.

Како резултат на тоа, тенденцијата на корисниците на Тик-ток и обожавателите на к-поп се единствената причина за лошата излезност на митингот исто така ги привлече скептиците кои истакнаа дека реалната слика е посложена.

– Луѓето не присуствуваа на митингот бидејќи така одлучија. Тоа нема никаква врска со деца на Тик-ток или некакви други глупости. Ентузијазмот за Трамп е намален, а бројот на новозаразени во пандемијата расте. Кампањата имаше преголеми очекувања кои не се остварија – порача телевизискиот презентер Џо Скарборо на Твитер.

Не е возможно да се знае и неодговорно е да се шпекулира толкаво е влијанието на кампањите на Тик-ток и на обожавателите на к-поп врз присуството на настанот, без да се анализираат сите барања за билети. Но неколку фактори покажуваат дека шегата барем малку влијаела на предвидените бројки. Издавањето на билетите функционирало на принципот „прв дојден, прв услужен“, така што биле достапни „безброј билети“.

– Преку електронска пошта ја испратиле целата листа со покани во Тулса што објаснува зошто се потпишале милион луѓе. Луѓето се регистрираат за сè и сешто. Од моето лично
искуство знам дека можат да се случат вакви нешта – изјави за „Вашингтон пост“ поранешен член на администрацијата на Обама, Тим Фулертон.

Тој додаде дека движењето на Интернет веројатно „направило да изгледа дека има повеќе заинтересирани отколку што сметале што значи дека (кампањата на Трамп) била помалку активна во мотивирањето на народот да присуствува на митингот“.

– Во пошироката слика се забележува дека навистина е впечатливо тоа што сè повеќе
млади го користат Тик-ток како организациска алатка. Сметам дека до ноември уште
повеќе ќе бидеме сведоци на вакви случувања. Се работи за публика до која тешко се
допира, така што може да биде моќна алатка – тврди Фулертон.

Превод: Билјана Здравковска