Препораката на Санчез-Бордона е необврзувачка, но Европскиот суд на правдата (ЕСП) генерално ги следи насоките дадени од главниот адвокат. Според препораката, Британија има право да се премисли, односно да го прекине процесот на брегзит и без претходна согласност од другите земји-членки на ЕУ

Висок претставник на Европскиот суд на правдата (ЕСП) порача дека Британија може еднострано да го прекине процесот за напуштање на Европската Унија, познат како брегзит. Главниот адвокат на ЕСП, Мануел Кампос Санчез-Бордона, оцени дека Лондон има право да го стори тоа без претходна согласност од другите земји-членки на Унијата. Препораката на Санчез-Бордона е необврзувачка, но судот генерално ги следи насоките дадени од главниот адвокат. Група шкотски политичари побараа од ЕСП да оцени дали Британија може да го прекине брегзит без согласност од другите членки на ЕУ. Судот допрва треба да ја донесе конечната пресуда за ова прашање. Советот од Санчез-Бордона доаѓа во период кога Горниот дом на британскиот парламент ја почна петдневната дебата за договорот за брегзит, кој го предложи премиерката Тереза Меј, пренесува Би-би-си.

Во писмената изјава, главниот адвокат на ЕСП истакнува дека ако некоја земја одлучи да ја напушти ЕУ, тогаш треба да има право да го смени мислењето во текот на двегодишниот период за излегување, што е предвиден со членот 50 од договорот на ЕУ. Според него, земјата би требало да може да го стори тоа без претходна согласност од другите 27 членки.

Во соопштението на ЕСП се наведува дека генералниот адвокат предложил судот да „прогласи дека членот 50 дозволува унилатерално повлекување на известувањето за намерата за излегување од ЕУ“.

– Таквата можност постои сѐ до периодот кога договорот за повлекување не е и официјално склучен – соопшти ЕСП.

Британија треба да ја напушти ЕУ до 29 март наредната година, но договорот постигнат со Унијата треба да добие зелено светло од мнозинството британски пратеници, за да стапи во сила. Активистите и политичарите, кои се против брегзит и кои го почнаа случајот пред ЕСП, се надеваат дека ваквото толкување ќе им овозможи дополнителна опција на пратениците кога ќе го разгледуваат прашањето дали да го одобрат нацрт-договорот на Меј, бидејќи тоа ќе ги одржи во живот изгледите за откажување на брегзит, најверојатно преку нов референдум.

Според Санчез-Бордона, британскиот парламент мора да го одобри договорот, без разлика на тоа дали е постигната задоволителна или незадоволителна конечна спогодба.

– Тоа ќе ја отвори можноста Британија да остане во ЕУ во случај да биде постигнат незадоволителен договор за брегзит – истакнува главниот адвокат на ЕСП.

Процесот пред ЕСП го почна мешана група на шкотски политичари. Тие прво се обратија до судот во Единбург, кој на крајот се согласи да му го препушти случајот на ЕСП. Двата обида на британската влада да поднесат жалба против процесот беа одбиени, а случајот беше критикуван од Владата и институциите на ЕУ на минатонеделното сослушување пред сите 27 судии на ЕСП. Хуберт Легал, главниот адвокат на Европскиот совет, изјави дека дозволувањето унилатерално повлекување ќе создаде бескрајна несигурност, овозможувајќи им на земјите да најават дека ја напуштаат ЕУ во обид да обезбедат подобри услови за членството, пред да го откажат повлекувањето.