Откако талибанците ќе ја преземат власта, ЕУ ќе соработува со новата авганистанска влада само доколку истата ги почитува основните права, вклучително и правата на жените и се осигура дека терористите нема да ја користат авганистанската територија, изјави шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел.

Тој го искажа ставот на ЕУ по вонредниот состанок на европските министри за надворешни работи на кој се разговараше за молскавичното заземање на авганистанскиот главен град Кабул од страна на талибанците.

– Треба да стапиме во контакт со властите во Кабул… Талибанците ја добија војната, затоа ќе мора да разговараме со нив. Наскоро ќе мора да започнеме дијалог за да спречиме потенцијална миграциска катастрофа и хуманитарна криза – рече Борел на прес-конференција по состанокот.

Тој нагласи дека приоритет на ЕУ е евакуација на персоналот и авганистанските соработници од Кабул. Борел вети дека ЕУ ќе продолжи да дава помош за граѓаните на земјата во услови на влошена хуманитарна ситуација во Авганистан.

– Соработката со која било идна авганистанска влада ќе биде условена со мирно и инклузивно решение и почитување на основните права на сите Авганистанци, вклучително и жените, младите луѓе и малцинствата, како и почитување на меѓународните обврски на Авганистан. Исто така, ќе биде условено и со борбата против корупцијата и очекуваме новата влада да спречи терористички организации да ја користат авганистанската територија – истакна Борел.