Американскиот претседател Џо Бајден вети дека ќе ги брани правата на жените за абортус и остро го критикуваше исклучително рестриктивниот закон за абортус што стапи на сила.

– Овој радикален закон е флагрантно кршење на уставното право признато во пресудата „Рој против Вејд“. Ние ќе го заштитиме и браниме тоа право – напиша Бајден во изјавата, осврнувајќи се на одлуката на Врховниот суд од 1973 година, со која се признава правото на абортус во САД.

Тој рече дека новиот закон во голема мера ќе го комплицира пристапот на жените до потребната здравствена заштита, особено оние со потемна кожа и сиромашните.

– И она што е скандалозно, законот им дава право на приватни лица да ги гонат оние што им помагале на жените да вршат абортус – рече американскиот претседател.

Забраната за абортус во Тексас по шестата недела од бременоста стапи на сила денеска, бидејќи Врховниот суд на САД не постапи по итно барање на групите за права на абортус да го блокираат законот што ја дозволува таа забрана. Забраната важи и за случаи на инцест и силување.

Групите кои се залагаат за право на абортус велат дека 85 до 90 проценти од абортусите во Тексас се вршат по шестата недела од бременоста, што значи дека законот најверојатно ќе принуди затворање на голем број клиники. Ваквата забрана никогаш не била дозволена во ниту една држава, откако Врховниот суд во 1973 година донесе одлука „Рој против Вејд“.