Талибанците го зазедоа стратешкиот град Газни, десеттата покраинска престолнина што ја освоија за една недела откако американските разузнавачки служби објавија дека бунтовниците може да го заземат главниот град Кабул во рок од 90 дена.

Газни се наоѓа на 150 километри југозападно од Кабул на древен пат што го поврзува главниот град со вториот по големина Кандахар.

Талибанците ги презеле владините канцеларии во Газни по тешки борби, изјави претставник на безбедносните сили.

– Сите локални службеници, вклучително и гувернерот на провинцијата, се евакуирани во Кабул – изјавил анонимен службеник за „Ројтерс“.

Интензивни борби се водат и во Кандахар.

По повлекувањето на меѓународните сили предводени од САД, чии последни војници ќе ја напуштат земјата до крајот на месецот, талибанците зазедоа две третини од земјата.

Дури и кога исламистичка група владееше со земјата, од 1996 до 2001 година, таа не го контролирала целиот север. Се чини дека талибанците сега сакаат да обезбедат контрола врз северот од земјата пред офанзива врз Кабул.

Бидејќи руралните населби се премногу тешки за одбрана, владините сили се повлекоа за да ги заштитат Кабул и другите градови поради што илјадници семејства ги напуштиле руралните области со надеж дека ќе бидат побезбедни во градовите.

Талибанците велат дека го презеле провинцискиот затвор во Кандахар.

– Борбите престанаа дури во 4 часот наутро, а потоа продолжија по првата молитва – изјавил хуманитарен работник во Кандахар.

Талибанците исто така соопштија дека ги окупирале аеродромите надвор од градовите Кундуз и Шеберган на север и Фарах на запад, што дополнително го отежнува снабдувањето на опколените владини сили.

Милитантите велат дека го зазеле и Лашкар Гах, центар на јужната провинција Хелманд.

Кандахар и другите јужни и источни провинции по должината на границата со Пакистан веќе долго време се главно упориште на талибанците, но неодамна тие постигнаа голем напредок на северот.

Претседателот Ашраф Гани отиде на север во Мазар-Шариф за да влијае врз водачите на локалната милиција, чие влијание претходно се обидуваше да го намали, за да му помогнат во борбата против талибанците.

Според договорот постигнат минатата година меѓу САД и талибанците, бунтовниците се согласија, во замена за повлекување на САД, да не ги напаѓаат американските коалициски сили и да не користат територија под нивна контрола за меѓународен тероризам.

Претставник на американското Министерство за одбрана во средата се повика на податоци од американските разузнавачки служби дека талибанците би можеле да го изолираат Кабул во рок од 30 дена и да го окупираат во рок од 90.

Бајден во вторникот рече дека не жали за одлуката за повлекување на американските војници и апелира до авганистанските лидери да се борат за својата татковина.