Основачот на Фејсбук Марк Закерберг изјави дека гигантската компанија веќе е подобро подготвена да се справи со политички манипулации кои би влијаеле врз исходот на ноемвриските избори за Конгресот на САД.
Закерберг беше критикуван од страна на Демократската партија на САД дека Фејсбук и дозволил на компанија од Британија која работела за кампањата на Доналд Трамп да користи аналитички податоци што Фејсбук ги собира од своите корисници. Демократите исто така го критикуваа Фејсбук дека не го спречил објавувањето на таканаречени лажни вести од странски извори кои, според нив, влијаеле Трамп да ја победи Хилари Клинтон.
– Денеска Фејсбук е подобро подготвен за вакви напади. Веќе идентификувавме и избришавме лажни профили во пресрет на изборите во Франција, Германија, Алабама, Мексико и Бразил, вели Закерберг во коментар објавен на Фејсбук.
Компанијата открила дека покрај руските групи за објавување на политичка пропаганда, постоела организација и во Иран, која на сличен начин се обидувала да влијае на политичките исходи во САД, Британија и низ Блискиот Исток.
– Досега имаме избришано над една милијарда лажни профили. Во повеќето случаи ги бришеме само неколку минути откако ќе бидат направени, вели Закерберг.
Компанијата исто така планира воведување на проверка на вистинитоста на постовите, со што ќе може да брише коментари кои ќе содржат лаги и манипулации.