Фото: Одбојкарска федерација на Македонија

Најдобриот тим во регуларниот дел од сезоната кај прволигашите, Штип УГД имаше убедливо отворање на финалето на плејофот со победа од 3:0 (25:15, 25:22, 25:17) над ГОК Борец пред својата публика во салата „Јордан Мијалков“ во Штип.

Тимот на Кристиан Ристески ја продолжи победничката серија која ја има во дуелите со велешкиот состав сезонава. Домашните одбојкари ја контролираа играта и резултатот во текот на целиот натпревар, а неизвесност понуди само вториот сет.

Мотивирано и агресивно Штип УГД го отвори дуелот и за кусо време имаше предност од 10:3, односно 16:7. Се обиде Петре Жабев со тајм-аути да ги врати во игра своите одбојкари, но не успеја во тоа. Штип УГД имаше високи 20:10, а со 25:15 стигна до предност од 1:0.

Посмирено влезе ГОК Борец во вториот сет. Имаше одговор на играта на противникот, па егал беше до 4:4. Иницијативата ја имаше домаќинот (7:4, 8:6) но велешкиот тим трпеливо се врати на 9:9. Следуваше долга серија поен за поен, во која ривалите се надмудруваа и на мрежата, но и во полето, а тоа траеше до 20:19 за Штип УГД. Серијата од 3:1 за лидерот му донесе водство од 23:20, за мирно со 25:22 да стигне до 2:0 во сетови.

Во последниот сет Штип УГД не си дозволи ново опуштање. Комплетно ги држеше „конците“ во свои раце. Создаде комотна предност од стартот на сетот (3:1, 8:5, 13:9, 20:13) и со сигурни 25:17, го затвори дуелот со 3:0.

Махди Задмард со 15 поени го предводеше штипскиот состав, додека Стојан Илиев со 13 поени го следеше. Во редовите на Борец интернационалците беа најрасположени – Оливера реализираше 14 поени, Бастос освои девет поени, додека Димовски имаше осум.

Вториот натпревар од финалната серија се игра в понеделник, од 20 часот, во Велес.