Фото: Игор Бансколиев

Продадени се повеќе од 850.000 влезници за СП 2023 за фудбалерки

Организаторите на Светското првенство (СП) за фудбалерки, кое треба да почне за педесетина дена, велат дека се приближуваат до продажбата на еден милион влезници. Повеќе од 850.000 се продадени за настанот во Австралија и во Нов Зеланд. Светското првенство, на кое учествуваат 32 репрезентации, треба да почне на 20 јули, а финалето е на 20 август.
Портпаролот на Светската фудбалска федерација (ФИФА) изјави за „Би-би-си“ дека границата од еден милион продадени билети се очекува да биде достигната „во текот на следните неколку недели“. Ова ќе биде деветтото издание на светските првенства за жени и организаторите се насочени кон рекордни 1,5 милион продадени влезници, како и глобална телевизиска публика од две милијарди гледачи.


ЕП ЗА ФУДБАЛЕРИ ДО 17 ГОДИНИ

Франција и Германија ќе играат за европската титула

Репрезентациите на Германија и на Франција утре ќе играат за титулата европски првак за фудбалери до 17 години, на континенталниот шампионат што се игра во Унгарија.
Германија ја победи селекцијата на Полска со 5-3, во меч во кој Полска водеше со 1-0 и со 2-1 и до 79. минута беше 3-3. И Франција со пресврт се пласира во финалето, по победата со 3-1 на дуелот со Шпанија.
Франција е актуелен континентален младински првак, откако победи на Европското првенство (ЕП) за фудбалери до 17 години во 2022 година. Ова е 38. издание на ЕП за фудбалери до 17 години. И Франција и Германија, кои се сретнаа и во групната фаза, ќе играат за четвртата титула во оваа младинска конкуренција.


ХОКЕЈ НА МРАЗ

НХЛ-лигата ќе добие нов шампион – Вегас или Флорида

Во финалето на хокеарската НХЛ-лига, од недела (до четири победи) ќе играат два клуба што никогаш претходно не ја освоиле титулата во тоа натпреварување, Флорида пантерс и Вегас голден најтс, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Ова е прво финале од 2018 година и само трето од почетокот на векот во кое играат два клуба што допрва треба да го освојат трофејот. Пред пет години, Вегас влезе во финалето во својата инаугуративна сезона во НХЛ-лигата и потоа загуби од Вашингтон. Флорида, пак, играше во финалето во 1996 година, кога загуби од Колорадо. Досега 20 клуба биле прваци на НХЛ-лигата (најмногу титули има Монтреал, вкупно 24), а уште седум други клуба играле во финалето.